Филипче: Владата не презема навремени мерки за да ги заштите граѓаните

Претседателот на СДСМ Венко Филипче бара Владата да ги прифати предлог мерките кои СДСМ ги понудила уште претходно за да се заштитат граѓаните од ценовните шокови поради кризата, како и да ги разгледа опциите поради најавите за можен недостиг на горива. И она што Владата сега го нуди или допрва ќе го разгледува, вели тој, се мерки на СДСМ кои власта доцна ги прифаќа и оти граѓаните веќе ги чувствуваат последиците и ја платиле цената.

-Апелирам на две работи. Апелирам Владата да се свести, премиерот да почне да живее во реалноста тука кај нас, да престане вака дилетантски да ја води Владата, барем малку да се замисли, да помисли како живеат граѓаните и да ги прифати нашите предлог мерки, пакет на мерки сега, иако е касно, колку толку ќе имаат некаков ефект. Да ги прифатеше пред неколку недели, немаше да има вакви ценовни шокови за граѓаните, ниту пак за други продукти и други сегменти ќе беа во ризик да поскапат цените, како што е тоа случај сега, освен ДДВ за храна, за горива, акцизите за горива и преполовување на цените на патарините и второ, Владата сериозно да ги разгледа опциите за зголемување на државните резерви на нафта, рече Филипче на денешната прес-конференција.

Тој вели дека власата нема комоција, како што најавил премиерот допрва да разгледува кои мерки да ги прифати или да ги преземе.

-Еве сега допрва би ги разгледувале дел од мерките кои што ги предлагавме во изминатиот период да се воведат со целта да им помогнат на македонските граѓани. Повторувам само дел од мерките допрва ќе ги разгледувале на владина седница. Нема храброст премиерот да признае дека мерките се добри и требаше уште тогаш кога ги предлагавме да се имплементираат поради тоа што тогаш тие мерки ќе дадеа вистински ефект, односно немаше да започне спиралата на покачување на сите цени, како резултат на раст на горивата, рече лидерот на СДСМ.

Вели дека предупредувале дека порастот на цените на горивата кој власта требало, а не го спречила, ќе повлече раст на сè друго во државата – транспорт, бизнисот на компаниите, а најмногу, како што рече, тоа што граѓаните веќе го чувствуваат – растот на основните прехранбени производи.

-Ова е доказ дека граѓаните се оставени сами да се справуваат, дека ниту премиерот, ниту било кој во Владата има желба, а јас сум сигурен дека немаат ни капацитет, за да им помогнат на граѓаните да конструираат мерки, да ги имплементираат, за да се ублажат овие ценовни шокови, посочи Филипче.

Додаде дека минималното покачување на минималната плата не може ни од далеку да помогне во ублажувањето на овие проблеми, и како што нагласи, сега ниту ни онаа минимална плата која што тие ја предлагале, а која власта ја одбила од шестотини евра, нема да им помогне на граѓаните.

Според него, дополнителни отежнувачки околности се и податоците и предупредувањата на светските експерти и меѓународни организации дека кризата ќе трае.

-Повторувам, кризата ќе трае. Допрва доаѓаат лошите ефекти од кризата. Експертите предупредуваат и утре да заврши војната, кризата нема да заврши, рече Филипче.

Затоа, додаде тој, нашата Влада не треба да седи и да чека или да се фали дека странски граѓани точеле гориво кај нас, туку да почне да работи во интерес на граѓаните.

Back to top button
Close