Филипче: Во Кочани ниту еден политичар не може да оди со крената глава
Во Кочани никој, ниту еден политичар не може да оди со крената глава, со крената глава не се оди кај луѓето кои со месеци бараат правда“, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанскиот собир во Кочани.
– Со крената глава не се оди пред луѓе што изгубиле сè, а не ја добиваат сè уште вистината. Со крената глава не се оди кај оние кои со месеци бараат правда, а имаше обиди за селективна правда. Со крената глава не се оди кај оние на кои им се вршеа притисоци за протести. Нема достоинство во ароганцијата и лицемерието, рече претседателот на СДСМ.
Тој додаде дека никој што учествувал во градењето на системот нема право да се амнестира од трагедијата што се случи во Кочани.
– Јас нема да кажам дека сум дошол со крената глава. Дојдов како човек што е свесен дека политиката и политичките партии триесет години наназад се оние што го градеа овој систем. И никој нема право да се амнестира. Наназад не можеме да ги смениме работите, но можеме да извлечеме поуки – и да го смениме системот. Да ја смениме иднината, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче посочи дека болката на жртвите во трагедијата во Кочани е болка што не се заборава и празнина што не се пополнува никогаш.
– Ова е трагедија што не смееме да ја заборавиме никогаш – за тоа колку животот е кревок, колку брзо може да се изгуби сè и колку многу ни треба човечност, почит и грижа едни за други. Кога ги гледам лицата на родителите што стојат исправени и бараат правда и ги слушам нивните гласови полни со болка и достоинство, знам дека тие луѓе не бараат ништо повеќе од вистината и правдата, нагласи Филипче.
Во обраќањето на трибината, Филипче посочи дека СДСМ понуди закон и поддршка за настраданите во трагедијата во Кочани, но власта ништо не прифати.
– Понудивме закони со кои финансиски им се помага на семејствата на жртвите и повредените и побаравме меѓународна истрага за да нема дамка на оваа трагедија. Но власта не прифати. Зошто не прифатија, проценете сами, рече Филипче.
На трибината, Филипче рече дека граѓаните се доволно свесни да проценат кој се однесуваше државнички, а кој го покажа вистинското, грдо лице после најтешката трагедија во Кочани.
– За она што искрено жалам е што се изгуби шанса да покажеме дека барем кога е најтешко – знаеме да бидеме луѓе пред сè. И не беше потребна голема храброст за тоа, беше потребна само емпатија. Малку достоинство. Малку почит. Но кога тие вредности недостасуваат кај луѓето што ја водат државата, сè друго паѓа во сенка“, рече Филипче.
Тој кажа дека СДСМ ја објавил „вистината за Кочани кога институциите молчеа, а јавноста бараше одговори“.
– Вистината за Кочани ја објавивме кога видовме дека истрагата станува селективна, дека некој се обидува да ја затвори во тесен круг, дека се штитат функционери од институциите, дека јавноста останува без одговори. Тогаш излеговме со факти, со документи и со точни информации. И кога тоа се случи, Обвинителството мораше да постапи, а истрагата се прошири, рече Филипче.
Според него, СДСМ во изминатата година се борел за вистинска, искрена реформска промена на државата.
– Се боревме да направиме темелни реформи во судството и институциите. Се боревме да ја бутнеме оваа земја напред кон ЕУ – затоа што само така, верувајте, можеме од корен да ги смениме работите, рече Филипче на митингот во Кочани.ис/са/