Филипче: Во тек вакцинација во домови за стари лица во Скопје и Битола, која ќе продолжи и во Куманово, Прилеп и Берово

– Веќе неколку дена трае теренската вакцинација на стари лица сместени во болницата за Геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Ѓорче Петров и домовите за сместување стари лица во Скопје и во Битола. Во двата дома „Сју Рајдер“ веќе е завршена вакцинацијата. Вакцинирани се десет од 60 сместени во домот за стари лица во Битола, 22 од 60 сместени стари лица во Скопје и 22 од 50 вкупно сместени корисници во центарот за сместување на стари лица „Мајка Тереза“.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче по посетата на болницата за Геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Ѓорче Петров. Посочи дека огромен број здравствени работници, односно близу 90 отсто се веќе вакцинирани и тоа било дел од стратегијата заради тоа што тие треба да се заштитени прво самите себеси, а второ да ги штитат и постарите сместени луѓе.

– Ги чекаме списоците од останатите центри за сместување постари лица од другите градови, од Куманово, Прилеп и Берово и согласно динамиката таму ќе продолжи вакцинацијата на сместените корисници. Во меѓувреме останатиот дел од системот добро функционира и денеска продолжува вакцинацијата ширум пунктовите во државата. Во салата „Борис Трајковски“ се вакцинираат дел од припадниците на Армијата и наставничките од прво до трето одделение, додаде Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање посочи дека ги чекаат информациите од повеќе производители од повеќе механизми, според најавите и остатокот од вакцините на „Астра Зенека“ преку КОВАКС-механизмот, понатаму Фајзеровите вакцини што се очекуваат овој месец и кинеските вакцини.

– Така што до крајот на месецот сите овие системи што сега функционираат претежно двата во делот на вакцинирањето на постарите лица и во делот на критичната инфраструктура во салата „Борис Трајковски“ ќе добијат дополнителни количини на вакцини, рече Филипче и појасни дека дневно со „Спутник“ вакцините во салата „Борис Трајковски“ се вакцинираат по 2500 граѓани.

Во текот на вчерашниот ден, потенцира, имавме така слична бројка и сите овие три дена трендот е приближно еднаков. Дваесет проценти од закажаните не се јавуваат за вакцинација, но како што рече, тоа значи дека некаде околу 7500 вакцини се веќе искористени или ќе бидат искористени заклучно со денешниот ден.

–  Тоа што Србија има претставништво на „Фајзер“ како една од единствените земји во регионот можно е да ги забрза работите во стигнувањето на оваа вакцина за многу пократко време отколку сите други земји во регионот, истакна Филипче.

Во врска со кинеските вакцини рече дека тогаш кога ќе знаат точен датум на нивното пристигнување тогаш и ќе го објават.

– Во сабота сигурно ќе продолжи вакцинацијата не само во салата „Борис Трајковски“, туку и во сите други пунктови, додаде Филипче и изрази уверување дека процесот на масовна имунизација ќе продолжи и оти нема да дојде до застој во текот на пристигнувањето на следните количини вакцини.

Back to top button
Close