Како стигна до носител во „четворката“ и има ли амбиција за лидер на СДСМ – одговара Венко Филипче за 360


По официјалната потврда на конгресот на СДСМ дека ќе биде носител на пратеничката листа во Изборна единица 4, ексминистерот за здравство Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека за него е голема чест да ја претставува партијата на претстојните парламентарни избори.

Вели дека иако не е дел од раководството на партијата ниту е владин функционер, себеси се смета за отворен човек што сака да им помага на луѓето.

„Едноставно, сакам и сум подготвен да пружам помош каде било и кога било и на кого било, кому е потребно, секако, најмногу во делот на мојата струка, понатаму во останатите сегменти на здравството, а и во другите сегменти каде што можам. Сметам дека тој систем на комуникација, еве очигледно, луѓето го вреднуваат или го памтат од претходно, што мислам дека е одличен сигнал. Сметам дека и кандидат за пратеничка функција и понатаму ппратеник, треба да ги има токму тие одлики“,

одговара Филипче на прашањето како стигна да биде носител во Изборна единица 4.
На прашањето зошто не се најде на пратеничките листи во 2020 г., иако беше министер, а и во екот на популарноста поради ковид-пандемијата, Филипче одговара:

„Тогаш менаџментот на пандемијата бараше апсолутно целосна посветеност и сметам дека каков било поинаков ангажман ќе беше само дефокусирање и неможност да се занимавам со менаџирање на пандемијата, што беше навистина напорна работа.“

Прашан – зошто како скопјанец не се најде на листата во Изборната единица 1, туку во Изборната единица 4, ексминистерот вели дека кандидатите за пратеници во одредена единица секогаш не се од местата каде се кандидираат.

„Јас сум присутен насекаде во државата, посебно во регионот на четвртата изборна единица. Изминатиот период комуницирам со многу луѓе од тој регион, едноставно имам познавања и за потребите и за можните решенија на нивните проблеми. На крајот на краиштата, пратеник во парламентот треба да ги застапува сите граѓаните, не само граѓаните од неговата изборна единица. Дополнително, и нешто што е интересно и не знам дали многу луѓе знаат – јас имам потекло од тој регион. Моите две баби – и по мајка и по татко – по потекло се од Кавадарци и за тоа ме врзвуваат дури и некои спомени од деството, така што, ете уште една дополнителна причина“,

кажа Филипче.
Доколку СДСМ ги загуби изборите и ако се отвори прашањето за смена на лидерот на партијата, дали Филипче има амбиција да застане на чело на партијата – беше едно од прашањата до него.

Филипче: Воопшто не, ниту размислувам за тоа. Партијата има лидер, тоа е нашиот другар Димитар Ковачевски, за тоа ниту се разговара, ниту станува збор.

360°: Принципиелно ве прашувам, ако загуби СДСМ, треба ли да се постави прашањето за одговорност на лидерот?

Филипче: Ако СДСМ загуби, за сè понатаму ќе си одлучуваат луѓето лично, ќе одлучуваат телата на партијата, меѓутоа, тоа сега не е предмет на дискусија. Ние сме сега целосно посветени на работата на кампањата. Тие информации дека се разговара или дека се размислува се плод на шпекулации и повторно би рекол со цел да се прикаже некаква разединетост во партијата, а тоа воопшто не е така. Ние сме и тоа како сите обединети зад сегашниот лидер Димитар Ковачевски и сите сме убедени во победа.

Инаку, коносителка со Филипче на листата на СДСМ и коалицијата во „четвроката“ ќе биде поранешната министерка и актуелна дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Back to top button
Close