Филипче за можно коалицирање со ДУИ и Левица: За секоја општина ќе имаме посебна стратегија, програмата се темели на нашите вредности

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче попладнево на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали коалицираат со ДУИ и Левица за локалните избори, нагласи дека активно разговараат и оти за секоја општина ќе имаат посебна стратегија.

-Активно разговараме и за секоја од општините ќе имаме посебна стратегија, потенцира Филипче.

Тој нагласи дека нивната партиска стратегија е јасна, а тоа е, како што рече, консолидација на секое ниво и широк инклузивен процес.

-Нашата партиска стратегија е јасна – консолидација на секое ниво, широк инклузивен процес во избор на нашите најдобри кандидати коишто имаат и легитимитет и кредибилитет да излезат пред граѓаните да ја побараат довербата, затоа што знаеме дека тие се луѓето коишто можат да ги испорачаат програмите што ќе ги ветиме за време на локалните избори. Тие кандидати заклучно со овие денеска објавени, практично се избрани во еден процес со многу широк консензус. Консултирани се буквално сите партиски членови во рамките на секоја од општинските организации, рече Филипче.

Потенцира дека нивната програма за локалните избори се темели пред се на нивните вредности и ги слушаат граѓаните што вистински сакат да добијат.

-Програмата се темели пред се на нашите вредности, социјалдемократски сето тоа преведено во услови за локални избори. Значи, ги слушаме граѓаните што вистински сакат да добијат. Граѓаните насекаде ги сакаат истите работи. Прво, сакаат да живеат во чиста животна средина , понатаму да е безбедно на улиците, да е секаде осветлено, да има проекти кои ќе бидат поддржани во делот на енергетиката, да имаат соодветни простори за спортска активност и соодветен ноќен забавен живот, нешто што го бараат младите и навистина го заслужуваат, се помалку го имаат вака како се водат општините во изминатиот период предводени од ВМРО-ДПМНЕ, рече тој.

Филипче на прес-конференција ги соопшти имињата на нови 16 кандидати за градоначалници. За кандидат за градоначалник на Скопје ја најави потпретседателката на СДСМ Каја Шукова.

-Кандидат за градоначалник на Битола ќе биде претседателот на општинската организација, Методија Куновски. Во Валандово – актуелниот градоначалник Перо Костадинов, во Виница – претседателот на општинската организација Гоце Милевски. Во Зрновци – исто така претседателот на општинската организација, Ванчо Митев, во Кавадарци – регионалниот партиски координатор Виктор Велевски. Во општина Карпош – д-р Маја Мојсова Мијовска, во општина Кисела Вода – Горан Трајковски. Во општина Маврово и Ростуше – Анес Ахмети. Во општина Ново Село – Петар Спасов, во Петровец – Елизабета Зелениковска. Во Прилеп – претседателката на општинската организација, Петра Лукароска, во Радовиш – исто така претседателот на општинската организација, Ристо Спасов. Во Свети Николе – Дејан Гичев, поранешен директор на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во општина Чашка – актуелниот градоначалник Горан Стојановски, во општина Брвеница – Светлана Митреска Анџелковска, истакна Филипче.

Back to top button
Close