Филипче за разрешениот директор на Неврологија: Лекарската комора да провери дали во една таква состојба доктор воопшто може да лекува пациенти
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче смета дека Лекарската комора треба да реагира и да направи проценка дали доктор во состојба во која беше фатен директорот на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски може да лекува пациенти. Според Филипче, добро е што Кузмановски е веднаш разрешен, но очекува реакција и од Лекарската комора.
– Сметам дека е добро што е разрешен веднаш и многу брзо. И во исто време сметам дека треба да реагира Лекарската комора во однос на тоа да се направи проценка дали и колку време наназад се случувало тоа, односно дали во една таква состојба доктор воопшто може да лекува пациенти. Тоа е многу сериозно прашање. Можеби во прашање биле доведени животи на некои негови пациенти доколку бил во некаква таква состојба, сега да не прејудицираме. Но, ова работа заслужува сериозна анализа и проверка од страна на Комората, нагласи Филипче.
Прашан дали е потребна кривична одговорност за Кузмановски, Филипче истакна дека не би сакал да навлегува во тој дел и оти за тоа ќе кажат институциите кои се занимаваат со тоа.
Откако беше објавено видеото, министерот за здравство Азир Алиу вчера соопшти дека донел решение за разрешување на д-р Кузмановски од директорската функција. Кузмановски синоќа преку „Фејсбук“ упати извинување и искажа каење за своите постапки.
– Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови. Се повлекувам од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои заедно ги постигнавме со мојот тим за краток период. Се извинувам на сите кои ги разочарав, и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата, напиша Кузмановски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, чијшто кадар е Кузмановски, синоќа соопштија дека ја поддржуваат одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен, и бараат институциите да постапат во согласност со законот и утврдените процедури.
-Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури. Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности. Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме, се наведува во соопштението од владејачката партија.