Филипче за запленетата марихуана: Зошто власта чекаше ваков скандал да биде иницијатива за да се направи проверка

СДСМ се консолидира и веќе ја креира новата партиска програма. Во процес сме на комуникација со членството кој ќе заврши на почетокот или средината на јуни со уште еден програмски конгрес на кој ќе ја презентираме партиската програма, изјави вечерва во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, лидерот на СДСМ Венко Филипче.
На прашањето, зошто не оди на лидерска средба, Филипче рече дека СДСМ и натаму е конструктивна, но не и контролирана опозиција.
„Демократијата не смее да се минира и злоупотребува. Тука сме за дијалог за стратешки правци и теми. Една од најсерозните работи е минималната плата за која дадовме предлог во Собранието“,
рече Филипче, повторувајќи дека има ставки од Буџетот од кои, според него, може да се скратат пари за да се овозможи исполнување на барањето за зголемување на минималната плата.
За тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за спрега на СДСМ со раководството на ССМ, лидерот на СДСМ рече дека претседателот на ССМ Слободан Трендафилов го сретнал еднаш пред година и половина и оти немаат никаква комуникација и координација.
Во коментар на случајот со заплената на марихуана и меѓусебните обвинувања со власта, Филипче рече дека додека бил министер за здравство не потпишал измени на Правилникот за одгледување на канабис за медицински цели. Тој истакна дека власта мора да одговори на клучните прашања поврзани со случајот со запленетата дрога во Србија, а која потекнува од Македонија. Филипче посочи дека институциите не смеат да молчат кога станува збор за сериозен скандал од вакви размери.
Во интервјуто, Филипче нагласи дека сите информации во јавноста доаѓаат од страна на српските институции, наместо од македонските.
„Еве го документот од српското обвинителство во којшто јасно се кажува дека дрогата потекнува од Македонија, ние не шпекулираме. Вистинското прашање е зошто нема одговори од институциите? Има ли снимки, дали некој ги пропуштил на граница. Кој бил на смена од цариниците, кој бил на смена од полициските службеници и тоа се прашања на коишто ниту премиерот, ниту владата не одговараат, ниту некоја од соодветните институции. Тоа се вистинските прашања“,
рече Филипче.
Тој праша зошто власта чекала, како што рече, ваков скандал да биде иницијатива за да се направи проверка.
Кога тој станал министер за здравство, рече дека веќе биле издадени неколку лиценци за канабис и неговата работа ја продолжил согласно позитивните законски прописи.
Прашан дали тој има потпишано никакви правилници во врска со канабисот, Филипче потенцира – ако сум потпишал, ВМРО-ДПМНЕ досега ќе ги извадеше во јавноста.
„Бидете сигурен ако сум потпишал, ВМРО-ДПМНЕ досега ќе ги извадеше во јавноста. Така што, што е потпишано, зошто е тоа потпишано, тоа е адресата на која треба да се обратите и да прашате. Тој што го сменил правилникот, прашајте го зошто го направил тоа“,рече тој.
Прашан дали тој се оградува од ова и упатува на поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити, Филипче упати да го прашат него и оти не може да одговара за нечии туѓи дејствија.
„Како можам јас да одговарам за нечии туѓи дејствија. Можеби има некакви аргументи Фатмир Меџити, прашајте го. Јас не сум експерт ниту во областа. Сметам дека секоја една област која може да се развива, во која треба да се имплементираат законите, која може да придонесе за економијата на земјата иако власта има желба тој бизнис, тој сектор, да го контролира, може да биде добро. Нека се проверат сите аспекти – кај има криминал, кој има направено, нека си одговара согласно позитивните законски прописи“,рече Филипче.






