Филиповски: Центар за жртви од родово/семејно насилство и пониски трошоци во градинките и основните училишта во Аеродром

„Бројките кажуваат дека во ек на пандемија, семејното насилство се зголемило за од 8 до 10 отсто. Во нашата програма планираме отворање на центар за привремен престој на жртви на родово базирано и семејно насилство. Во целиот процес ќе бидат вклучени и ресорните институции, како и организациите кои работат на оваа проблематика“, посочи Александар Филиповски, кандидат на СДСМ и коалицијата за градоначалник на општина Аеродром, во денешната изјава за медиуми.

Филиповски денеска зборуваше за социјалниот пакет на мерки од програмата на СДСМ. Заедно со граѓанските организации, ќе биде спроведено социјално мапирање на населбите. На овој начин, ќе се утврдат вистинските потреби на жителите на локално ниво и ќе можат да се испорачаат подобри социјални услуги.

  • Фокусот ќе ни бидат и градинките и училиштата. Со зајакнувањето на стручните служби, но и преку посебни едукативни активности за децата, ќе обезбедиме механизми за заштита на најмладите. Наставниците, воспитниот кадар ќе поминат соодветни обуки за работа со деца од еднородителски семејства, деца на разведени родители или во социјален ризик, кажа кандидатот за градоначалник на СДСМ.

Родителите во општина Аеродром ќе имаат и пониски трошоци за своите деца, за во градинка и основно училиште. На овој начин, тие ќе заштедуваат од 150 до 200 евра на годишно ниво во семејниот буџет.

Филиповски заедно со градоначалникот Шилегов се обврзаа и на покривање на 50 % од месечниот трошок за градинка, како и до 50 % за поевтин оброк во училиштата.

  • Дискриминацијата почнува од дома. Затоа треба да ги подготвиме предучилишните установи и основните училиштата за правилна работа со секое едно дете. Затоа што градинките, училиштата не се само институции каде што децата престојуваат 8 часа. Таму се стекнуваат со навики, знаење и искуства. Затоа одговорноста е голема, напомена Филиповски.

Кандидатот за градоначалник со својот тим на советници продолжи со маалски средби за промоција на програмата во населбата Лисиче.

 

Back to top button
Close