Филиповски: Намалување на проблемот со паркирање и поголема безбедност во сообраќајот во Аеродром

„Деловите околу „Скопјанка“ и Мичурин имаат сериозен проблем со паркирањето. Оттука, во програмата на СДСМ за општина Аеродром, имаме мерка за изведба на три подземни/монтажни катни гаражи, кои ќе се изградат во населбите каде што има можност тоа да се направи и каде што се потребни дополнителни паркинг места.“ Ова го изјави Александар Филиповски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром, во денешната изјава за медиуми.

Филиповски истакна дека на одредени локации, во комуникација со засегнатите граѓани ќе се иницира и зонско паркирање (во соработка со ЈП „Градски паркинг“). Паркирањето за граѓаните – резиденти ќе биде бесплатно (за до три нивни возила).

Сепак, кандидатот за градоначалник кажа дека проблемот со паркирање е резултат и на урбанизацијата, па така и сите ние ќе мора и повеќе да го користиме алтернативниот превоз, кој придонесува и за заштита на животната средина.

-За поголемо користење на велосипедите, планираме изградба на 20 километри нови вело – патеки по сервисните улици. Исто така, ќе продолжиме и со субвенционирање на велосипеди и електрични тротинети. Во некои населби, постои можност и за воспоставување на нов сообраќаен режим, со цел да се подигне безбедноста за сите учесници во сообраќајот, рече Филиповски.

Кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата продолжува со секојдневните средби со граѓани. Денеска ќе се сретне со пензионерите од Аеродром, дуќанџиите, а ќе има и вечерна маалска средба со граѓани, на игралиштето позади „Три бисери“.

Back to top button
Close