Филков без конкретен одговор дали неговиот посебен советник Весов ги исполнува условите за член на Програмскиот совет на АСЈО
Блупринт-групата за реформи во правосудството во петокот реагираше дека според Законот за Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) како член на Програмскиот совет може да биде избран раководен државен службеник од Министерството за правда со најмалку осум години работен стаж на работи од областа на правосудството, по положен правосуден испит и дека Весов како посебен советник на министерот не го исполнува овој услов
Филков, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Андреја Весов на позицијата во АСЈО доаѓа како посебен раководител на министерот за правда, за да на новинарска забелешка каже дека тој е негов посебен советник
Министерот за правда Игор Филков денеска не беше конкретен дали ќе бара повлекување на неговиот посебен советник Андреја Весов од член на Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители по минатонеделната реакција на Блупринт-групата за реформи во правосудството според која посебниот советник не ги исполнува условите за оваа позиција.
Прашан како ја коментира реакцијата на неформалната мрежа на граѓански организации кои работат и дејствуваат во областа на правосудството, Филков на денешната прес-конференција на која даваше отчет за сработеното во неговиот досегашен мандат како министер за правда, рече дека како и досега сите забелешки на Блупринт-групата се особено важни за Министерството и затоа биле вклучени во сите работни групи и во моментов, според министерот, придонесуваат во седум или осум од 10 работни групи.
За потсетување, од Блупринт-групата за реформи во правосудството во петокот реагираше дека според Законот за Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) како член на Програмскиот совет може да биде избран раководен државен службеник од Министерството за правда со најмалку осум години работен стаж на работи од областа на правосудството, по положен правосуден испит и дека Весов како посебен советник на министерот не го исполнува овој услов.
Министерот Филков одговарајќи на прашањето првин кажа дека Весов на позицијата доаѓа како посебен раководител на министерот за правда.
„Што се однесува до нивната забелешка (на Блупринт-групата), колегата Весов е на позиција и доаѓа како посебен раководител со повеќе од 10-годишно искуство како адвокат со нормално положен правосуден испит, за разлика од претходната личност која беше делегирана од истата позиција од Министерството за правда“,рече Филков.
На забелешка на новинарката дали тоа значи дека Весов е посебен раководител, а не посебен советник, бидејќи има разлика, министерот за правда рече:
„Посебен советник е во кабинетот на министерот (за правда)“,кажа Филков.
Одговарајќи на дополнително прашање, дали според него тогаш Весов ги исполнува условите за да биде дел од Програмскиот совет, министерот за правда одговори дека до минатата недела не бил свесен дека тоа бил еден од условите.
„Во моментов предлогот ќе го видиме, но јас мислам дека апсолутно има подобрување во предлозите. До минатата недела не бев свесен дека тоа беше еден од условите кои што беа побарани“,изјави министерот за правда.
Повикувајќи се на јавно достапни информации, од неформалната мрежа на граѓански организации кои работат и дејствуваат во областа на правосудството во петокот реагираа посебниот советник на министерот за правда, Андреја Весов не го исполнува условот пропишан во членот 19 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители за да биде назначен на оваа позиција.
„Имено, според член 19 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, како член на Програмскиот совет може да биде избран ‘раководен државен службеник од Министерството за правда со најмалку осум години работен стаж на работи од областа на правосудството, по положен правосуден испит.’ Оттаму, според јавно достапните информации, членот на Програмскиот совет кој е назначен е вработен како посебен советник на министерот за правда, позиција што не се квалификува како раководен државен службеник согласно Законот за административни службеници, туку како ангажман на определено време според Законот за вработените во јавниот сектор“ беше наведено во реакцијата на Блупринт-групата за реформи во правосудството.
Дополнително што според Блупринт-групата сериозно ја нарушува перцепцијата за независност и непристрасност на Академијата, особено во процесот на избор и обука на идни судии и јавни обвинители, е поврзаноста на Весов со одредена политичка партија и неговата кандидатура за пратеник на последните парламентарни избори.
Во таа насока, оттаму апелираат до надлежните институции доследно да ги почитуваат законските одредби при избор и именување на членови во телата на Академијата за да се заштити, како што велат, нејзината независност, стручност и интегритет.
Блупринт-групата за реформи во правосудството реагира на партизирање на Академијата за судии и јавни обвинители
„Само преку транспарентно и законито постапување може да се обезбеди доверба во процесите на обука и селекција на идните судии и јавни обвинители“порачаа од Блупринт групата.
Андреја Весов за член на Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители беше назначен на 235 седница на Управниот одбор на АСЈО одржана на 24 јуни, што може да се види од известувањето на веб-страницата на Академијата објавено еден ден подоцна.
Инаку, Андреја Весов беше кандидат за пратеник од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски во Изборната единица 3, но не влезе во Собранието.
Од оваа партија е и актуелниот министер за правда Игор Филков.
На фејсбук-профилот на Андреја Весов можат да се видат објави и фотографии од партиски активности на Движењето ЗНАМ, но и содржини поврзани со работата на Министерството за правда.
Блупринт-групата за реформи во правосудството ја сочинуваат следните граѓански организации: Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки комитет за човекови права и Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).