Филков: Да се иницираат законски измени за проширување на листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот
Во контекст на актуелните случувања во однос на безбедноста во сообраќајот во нашата држава, Министерството за правда е фокусирано на утврдување на можни измени и дополнувања во законите, со кои ќе се придонесе за значително зајакнување на безбедноста во сообраќајот, изјави денеска министерот за правда Игор Филков на јавната расправа во Собранието.
-Со оглед на забележаното зголемување на несреќите, сметаме дека е неопходно итно да се разгледаат нови стратегии и решенија кои ќе вклучат: зголемување на санкциите за возачи кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, потребно е да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа на практиката на изрекување и спроведување на казните. Ова ќе ни помогне да утврдиме дали во пракса казните се адекватни, дали преовладува тенденција на изрекување на поблаги санкции, рече Филков пред пратениците и претставниците на институциите.
Министерот смета дека при изготвување на измени на законската регулатива, особено во делот на санкциите, потребно е да се тргне од тоа дали казните за прекршувачите на сообраќајните правила се соодветни и доволно ригорозни за да имаат одвраќачки ефект. Покрај тоа, вели тој, важно е да се изврши консултација со граѓаните, граѓанскиот сектор, експерти, универзитетската фела, адвокати, поранешни судии, преку анкети и јавни расправи, за да добиеме мислење и да се осигураме дека новите закони одговараат на потребите на општеството.
– Потребно е да се иницираат законски измени кои ќе ја прошират листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Потребна е измена и на тешките кривични дела кои вклучуваат опасност за животот и имотот на луѓето, како и на неукажувањето помош на лице повредено во сообраќајна незгода, рече тој.
Овие измени, според него, ќе придонесат за создавање на поефективна правна рамка со која ќе се подобри безбедноста во сообраќајот и ќе ги мотивираат возачите да ги почитуваат сообраќајните правила.
-Изрекувањето на санкциите треба да оди во насока на примена на одредбите, соодветна квалификација на делото, а со самото тоа и соодветно санкционирањe, како и заострување на казнената политика за рецидивистите, со акцент на возачи кои учествуваат во сообраќајни незгоди со смртни последици. Судската пракса треба да се темели на почитување на законските начела, со посебен акцент на непристрасноста при донесувањето на одлуки и независноста на судиите во постапувањето. Поради тоа, судиите мораат да ги применуваат одредбите на законот во целост, да го земат во предвид секој поединечен случај и да осигурат дека казните се во согласност со тежината на делото, рече Филков.
Министерот смета дека треба да се примени превентивен пристап за да се спречи можноста за повторување на прекршоците или кривичните дела во сообраќајот. Ова, според Филков, ќе ги мотивира возачите да ја подобрат својата сообраќајна култура и да ги почитуваат сите правила.
При измените на Кривичниот законик важно е да се разгледаат и применат добрите практики од компаративните искуства на други земји, со посебен акцент на правните решенија од земји како што е Република Хрватска и други.
Филков информираше дека министерствата за правда, за внатрешни работи, – судии од Одделот за прекршоци во Кривичниот суд Скопје и универзитетски професори, работат на интензивна имплементација на новите законски измени во Законот за прекршоците како и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во контекст на овој процес, формирана е работна група за дополнување на законските решенија, со посебен фокус на намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
– Новите измени и дополнувања во Закон за прекршоци ќе вклучуваат: Посебна постапка за прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата која ќе се однесува на прекршоците кои се детектирани преку електронски системи, како што е системот „безбеден град“ (safe city). Овој систем ќе овозможи брзо и точно утврдување на прекршоците, со што ќе се намали бројот на несреќи и ќе се обезбеди побрза реакција на властите. Со оваа новина се предвидува кратки рокови за постапување пред судот, што ќе го забрза процесот на правдата, најави министерот за правда.
За сторители кои по трет пат ќе се најдат на суд, а во случај на сериозни прекршувања, како што се возење под дејство на алкохол или прекумерна брзина, судот, вели тој, ќе изрече санкција која подразбира престанок на важење на возачката дозвола.
– Ова ќе значи дека возачот нема да може да стекне нова возачка дозвола додека не помине една година од правосилноста на пресудата. Оваа казна има за цел да спречи понатамошни трагични настани на патиштата и да се обезбеди поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, рече Филков.
Сите измени, додава тој, во оваа насока имаат за цел и се стремат да го намалат бројот на сообраќајните незгоди, особено оние кои резултираат со смртни последици, и да ги заштитат животите на сите учесници во сообраќајот.
На јавната расправа зборуваа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, претседателот на Републичкиоит совет за безбедност Горан Ангелковски, прфесори од Правниот факултет и други.
Комисијата за политички систем организираше јавна расправа по сообраќајната несреќа во која загина Фросина Кулакова.