Филмот „Конклава“ со 283 отсто поголема гледаност
Смртта на папата Франциск на 21 април му донесе зголемен број заинтересирани гледачи на филмот „Конклава“ (Conclave) од 2024 година. Филмот сега е достапен на разни телевизиски и стрим-платформи, а заплетот се врти околу изборот на нов понтиф.
„Конклава“, со Рејф Фајнс, Џон Литгоу и Стенли Тучи во главните улоги, под палката на режисерот Едвард Бергер, беше кандидат за низа филмски награди годинава, меѓу кои и номинацијата за „Оскар“ за најдобар филм, најдобра машка улога итн. Новите мерења на стрим-платформата „Амазон прајм видео“ покажуваат 283 отсто раст на гледаноста на ова остварување оваа седмица.
И филмот „Двајцата папи“ (The Two Popes) од 2019 година, исто така предизвика голем интерес. Опишан како „инспириран од вистински настани“, овој филм раскажува за пријателството меѓу неодамна починатиот папа Франциск и неговиот претходник Бенедикт XVI, кој се повлече од местото поглавар на Римокатоличката црква и му го препушти на својот наследник.
Гледаноста на овој филм на „Нетфликс“ се зголемила за 417 отсто од неделата досега.
Папата Франциск почина во понеделникот наутро – ден по Велигден, на 88-годишна возраст, по компликации од мозочен удар. си/паг/