„Филмотопија“- нова книга од Игор Анѓелков

Книгата со филмска есеистика „Филмотопија“ од Игор Анѓелков денеска ќе излезе од печат. Авторот со тоа ја заокружува трилогијата составена и од книгите „ФИЛМ.МКД“ (2015) и „Филмски град“ (2018), сите во издание на „ИЛИ-ИЛИ“.

Анѓелков, како што соопшти издавачот, продолжува ревносно да ја следи филмската продукција кај нас и во светот, и низ рецензентски и есеистички осврти на публиката навремено ѝ нуди увид во случувањата во филмската уметност.

-Низ неколку поглавја, во книгата се покриени филмовите од новата македонска продукција, новото европско кино, светската продукција, тука се и секогаш интересните фестивалски случувања кои авторот ги покрива со присуство и искуство на самото место, а во последното поглавје авторот остава простор за класикот Алфред Хичкок. Со оваа книга Анѓелков на одличен начин пополнува еден празен простор во македонското издаваштво, издавајќи книги посветени на филмот, изданија кои, за жал, во годините наназад, можат да се набројат на прсти, соопшти издавачот.

 

Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со медиско третирање на филмската уметност активно се занимава од 90-те години на минатиот век преку рецензии во различни дневни, неделни и месечни весници, потоа како автор на филмската радио-емисија „REDRUM“ на Канал 103, а беше најпрепознатлив по филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ Телма, кој се емитуваше од 2003 до 2014 година.

 

Бил член на жиријата на неколку домашни фестивали, а од 2019 година започнува и неговата активност како член на најстарото здружение на филмски критичари во светот, ФИПРЕСЦИ, со учество и на меѓународни фестивали. Во последниве години е селектор на филмовите во официјалната програма на Филмскиот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“.

 

Со „Филмотопија“ тој ја заокружува трилогијата со филмска есеистика која ги вклучува и книгите „Филмски град“ (2018) и „Филм.мкд“ (2015), за која ја доби државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Анѓелков е автор и на прозните книги, збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020).

Back to top button
Close