Филмска потера во Скопје: Бркале џип со затвореници, испукале предупредувачки куршуми…
Две лица кои синоќа се обиделе да избегаат од полициска патрола, биле лишени од слобода, соопштија утрово од Министерството за внатрешни работи.
Како што појаснија, во близина на населбата Нова Колонија, полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции, постапувајќи по план од Секторот за внатрешни работи – Скопје, ги лишиле од слобода Н.А. и А.Ј., на возраст од 45 и 23 години, од главниот град на државава.
– Лицата кои се осуденици, но, биле на отпуст од КПУ – Идризово, додека се движеле со патничко возило „ренџ ровер“ на улицата „Панче Неделковски“ во Скопје околу 20:20 часот, не застанале на даден знак од полициски службеници и се дале во бегство, по што веднаш се преземени мерки и активности за нивно запирање и лишување од слобода. Организирана е потера по возилото што се упатило кон обиколницата, па потоа кон регионалниот пат Скопје – Велес, каде било стигнато од страна на полициските службеници во близина на населбата Нова Колонија. Кога полициските службеници, кои биле со службено возило „мазда“, се обиделе да го престигнат возилото „ренџ ровер“, возачот на возилото „ренџ ровер“ во два наврати удрил во полициското возило, се појаснува во соопштението на МВР.
Се додава дека полициски службеник испукал предупредувачки куршуми во воздух, но, возилото „ренџ ровер“ не застанало, туку продолжило да се движи и во близина на Нова Колонија, излетало од патот.
– Во возилото се пронајдени пет мобилни телефони, пари и клучеви од повеќе возила, а Н.А. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив, по документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, потенцираа од МВР.
Фото: „Фејсбук“ – страница на Министерство за внатрешни работи