Филмски и ТВ сценаристи протестираа во Њујорк, поради суспензијата на Џими Кимел
Филмски и ТВ сценаристи денеска одржаа протест во Њујорк против суспензијата на телевизискиот водител Џими Кимел од страна на компанијата „Волт Дизни“ и против најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ги казни радиодифузерите кои зборуваат лошо за него или за неговиот убиен сојузник, десничарскиот активист и интелектуалец Чарли Кирк, јавуваат британските медиуми.
На протестот организиран од Здружението на писатели на Америка, десетици филмски и ТВ сценаристи, како и некои вработени во телевизиската мрежа Еј-Би-Си која го емитува ток-шоуто „Џими Кимел во живо“, прошетаа пред облакодерот на Менхетен каде што има канцеларии компанијата „Волт Дизни“, наведувајќи дека го одржуваат протестот за „заштита на слободата на говорот“.
Телевизиската мрежа Еј-Би-Си која е во сопственост на компанијата „Волт Дизни“, претходно неделава го суспендирапе на неодредено време шоуто „Џими Кимел во живо“ откако водителот во емисијата во понеделникот зборуваше за Кирк и му се потсмеваше на претседателот.
Шефот на Федералната комисија за комуникации, назначен од Трамп, ѝ се закани на телевизиската мрежа со регулаторни мерки, што ги поттикна демократите и групите за граѓански права да ја обвинат администрацијата на Трамп за неуставни обиди за цензурирање на критичките медиуми.
Сопствениците на многу локални телевизиски мрежи поврзани со Еј-Би-Си рекоа дека нема да ја емитуваат емисијата сè додека Кимел не му се извини на семејството на Кирк.