Филтер “фобија” – антагонизмот како идентитет

Оската на пропагандната матрица на она што се сервира како “македонски идентитет”, а не оној реалниот, е кристално јасна и автентична за нашата држава – албанофобијата. Од практични и симболички причини. Пропратена по потреба со бугарофобијата и ретко со хеленофобијата. Но, ако “Бугарите ги потценуваме и ги мразиме”, а “Грците само ги мразиме”, албанофобијата има уште една подлабока нишка – “од Албанците се плашиме”. И тоа е тој исконски страв “фобос” од Албанците, кој го креира антагонизмот кон Албанците.

И бидејќи зборуваме со речникот на конструктот кој се создава и негува цела наша независност од 30-тина години како држава; овој наратив е проекцијата врз македонскиот народ, а не автентичното чувство на македонскиот народ. Тоа е “погледот и односот” што македонскиот народ треба (мора) да го има кон овие народи – како површна фикција и вештачки мит, надвор од реалноста.

 

И тој “поглед и однос” е граден и негуван, повеќе од 34 години независна држава, но е “зависно” превземен и адаптиран од колонијална и федерална матрица на претходни држави, за нивни, а не наши интереси. За иронијата да биде поголема, во одредени историски периоди нивните интереси биле брутално и драматично егзекутирани, врз етносите кои живееле во границите на денешна Северна Македонија. Дефиниција за форма на колективен и симболички садо-мазохизам.

 

И затоа токму “албанофобијата” е клучниот филтер, за тестирање на длабинското влијание на концептот на “српскиот свет” – како официјална политичка одредница во извештајот на ЕУ – врз суверенитетот и регионалната безбедност и на нас како држава. На две клучни нивоа (со уште многу нијанси): “албанофобскиот однос” кон Албанците и “албанфобскиот” поглед кон сите други.

 

И тоа е првичниот антагонизам, врз кој потоа вештачки се гради “македонскиот идентитет” – и за кој никогаш, не се говори “сам за себе”, туку само во релација кон овие три фобии (албанофобија, бугарофобија и хеленофобија).

 

Па, не е важно колку некој е слободоумен и “либерален” во однос кон Бугарите или Грците, вистинскиот и искрен однос кон Албанците го открива суптилното влијание на “српскиот свет” и таа наметната матрица на размислување и однос кон Албанците. Зошто инаку, еден интелектуалец, граѓанин, аналитичар, политичар – Македонец – би имал било каква задршка или антагонизам кон Албанците, а притоа да нема кон другите?

 

Затоа што токму тој наметнат антагонизам не е автентично македонски, и го оптоварува и компромитира и секој друг однос – дали кон другите или дали кон било кое друго прашање. И оваа фобија е наменета само за нас, затоа што не може да се биде “квалитетен бугарофоб” без да се биде “одличен албанофоб”.

 

Примери насекаде низ јавниот простор – од лево и десно, од центар, од аналитичари до професори, од политичари до академици – може да бидат “меки” со другите, ама секогаш ќе бидат доследни (скриени или јавни) албанофоби. Од кои не се исклучени ниту самите (влијателни) Албанци. Па, белким и ние на подаништво да научиме некого?

 

И тоа е есенцијата на влијанието на концептот на “српскиот свет”. Од почетокот на 20-от век до ден денес. Со кои “очи” ќе ги гледаме другите? Со “српски” (во кои ние и не постоиме) или со македонски? Каков однос ќе градиме кон другите? Каква историографија ќе пишуваме за себе? Што знаеме за себе? И тоа е клучното влијание, а не “спектаклот и појавноста” како обични алатки – од Лепа Брена, преку инструирани навивачки групи или наменски српски прослави, до југоносталгијата.

 

Историскиот “српски свет” од почетокот на 20-от век е колонизаторски. Колонијата не ја освојувате. Колонијата ја асимилирате и преобликувате. По ваша мерка. По ваша вера. По ваша историја. По ваш поглед на светот и на соседите. И вели хрватскиот пејач Томпсон, на концертот во Сињ, во уште еден своевиден одговор кон агресивниот и упорен концепт на “српскиот свет” и во Хрватска – “Југославија е мртва, и ова е независна Хрватска” – но, “југословенството” никогаш и не била целта, туку средството; во освежениот пост-колонијализам, наследуван до ден денес.

 

Албанофобијата како темел, мора да се сруши. Не со глума, и со лукративност, не со “имам еден пријател Албанец”, не со квази-либерални ламентации, не со опортуност и корист; туку со изворен македонски интерес и почит. Кон себе и кон другите. Кон сопствената, заедничка и споделена историја “базирана на факти”, кон граѓанската држава, кон функционалниот систем; кон наследената цивилизација и европската сегашност и иднина. Почит кон знаењето кое единствено ќе не’ спаси. Од она што сме “морале да бидеме за другите и кон другите”, а не “за себе и кон себе”.

Никица Корубин

Фејсбук статус

Back to top button
Close