Финансиска полиција поднесе кривична пријава до OJO против седум лица помеѓу кои управители на ЕВН


Како што лани во ноември објави „360 степени“ дел од нивите во делчевско кои ги купила ЕВН Електрани компанијата ги платила 40 поскапо од пазарната вредност. Лицата кои ги продале нивите ги добиле на подарок само три недели претходно
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против седум физички лица, од кои две во својство на управители на „ЕВН Електрани Македонија“ ДООЕЛ Скопје поради постоење на основи на сомнение за: сторено кривично дела измама во службата по член 355 вв соизвршителство по член 22 од Кривичниот Законик на РСМ, едно физичко лице поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело измама во службата по член 355 вв помагање по член 24 од Кривичниот закони и четири физички лица во својство на склучувачи на договори за купопродажба на недвижен имот со „ЕВН Електрани Македонија“ ДООЕЛ Скопје поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело измама во службата по член 355 вв помагање по член 24 од Кривичниот законик.

„Првопријавениот и второпријавениот, во својство на управители на ‘ЕВН Електрани Македонија’ ДООЕЛ Скопје, свесно и со однапред утврдена намера, со изготвување на анализи на трошоци и добивки кои содржат лажни и невистинити податоци, при тоа прикривајќи суштински факти – лажно презентирајќи несоодветни земјишта што одредени земјишта не ги исполнуваат законските услови за пренамена на земјоделско во градежно земјиште и одредени земјишта се во несоодветна категоризација на земјиште за намената за која што се купуваат, презентирајќи пазарни цени за купопродажба на земјишта кои не соодвествуваат со реалните пазарни цени на земјиштата за конкретната категоризација и класа на земјиште, прикривајќи го фактот дека пријавените физички лица – продавачи се меѓусебно поврзани лица поради нивните блиски меѓусебни пријателски и роднински врски, како и блиски пријателски и деловни врски со првопријавениот, го довеле во заблуда Управниот одбор на ‘ЕВН Македонија’ АД Скопје да донесе Одлука-одобрение за склучување на договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи, врз основа на која одлука се склучени договори со четвртопријавениот, петтопријавениот, шестопријавената и седмопријавениот и по основа на таквите штетни договори првопријавениот и второпријавениот овозможиле на сметките на четвртопријавениотпеттопријавениот и шестопријавената од ‘ЕВН Електрани Македонија’ ДООЕЛ Скопје да се исплатат парични средства во вкупен износ од 99 431 060 денари за земјишта чија реална пазарна вредност изнесува вкупно 2 146 723 денари“,се вели во соопштението.
Четвртопријавениот, петтопријавениот, шестопријавената и седмопријавениот, пак, свесно и со однапред утврдена намера, со цел да помогнат во реализацијата на кривичните дела извршени од страна на првопријавениот и второпријавениот, а по добиени насоки, совети и упатства од третопријавениот, во периодот од 01.09.2021 година до 17.09.2021 година склучиле вкупно деветнаесет договори за дар на недвижен имот со повеќе физички лица, кои договори во својата суштина се договори за купопродажба на недвижен имот, имајќи предвид дека на лицата дародаватели на денот на склучување на договорите им биле исплатени парични средства во кеш со средства обезбедени од страна на третопријавениот, а таквото склучување на фиктивни договори за дар било со цел и намера пријавените лица да ја избегнат обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за продажба на земјоделско земјиште, со што ги ограничиле законски пропишаните права на одредена група на субјекти да го остварат законско даденото право на првенство кога станува збор за купопродажба за земјоделско земјиште и со таквото склучување на фиктивни договори за дар пријавените лица, свесно и со однапред утврдена намера, ја исклучиле можноста трета страна да се јави како купувач на конкретните земјишта, а се со цел пријавените лица да бидат единствени потписници на договорите за купопродажба на недвижен имот со ЕВН Електрани Македонија ДООЕЛ Скопје и паричните средства согласно склучените договори за купопродажба да бидат исплатени на нивните лични банкарски сметки.

„Со претходно наведените дејствија, првопријавениот и второпријавениот, во својство на управители на ‘ЕВН Електрани Македонија’ ДООЕЛ Скопје, помогнати од страна на третопријавениот, свесно и со однапред утврдена намера, ги извршиле кривичните дела кои им се ставаат на товар и со таквите инкриминирани дејствија овозможиле четвртопријавениот, петтопријавениот и шестопријавената да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 99 431 060 денари“,
соопштија од Финансиската полиција.

Back to top button
Close