Финансиската полиција со кривична пријава за екс директорот на СОЗР за злоупотреби во милионски суми
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, кој се товари за примање поткуп, фалсификување службени исправи, проневера и несовесно работење. Според обвинението, тој склучувал договори за јавни набавки во судир на интереси, овозможил незаконски исплати и злоупотребил службени патувања, со што Буџетот на државата бил оштетен за милионски суми. За давање поткуп е пријавено и второ лице, сопственик на правен субјект од Скопје.
Дополнително, првопријавениот П.М, свесно и со умисла во вкупно пет службени исправи – изјави за непостоење судир на интереси во постапките за претходно наведените јавни набавки, внесувал лажни и невистинити податоци и истите со свој потпис овозможил да бидат употребени како вистинити и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело фалсификување службена исправа по член 361 став 1 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија.
„Првопријавениот П.М, во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи, во период од 01.01.2022 заклучно со 13.06.2024 година, во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авио билети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство и со тоа овозможил лично за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист во вид на хотелски сместувања, авио билети за реализирани патувања, изнајмување на рент а кар возила за приватни потреби и цели како и исплатени дневници за службени патувања во вкупен износ од 1.792.859 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија и го сторил кривичното дело проневера во службата по член 354 став 1 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија, информираат од финансова полиција.
Првопријавениот П.М, исто така, во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи и во својство на одговорен менаџер- accountable manager на Авио Службата при Службата за општи и заеднички работи, иако знаел и бил свесен, а од 27.10.2023 година и запознаен со фактот дека едно лице вработено како пилот, не ги исполнувало условите за капетан-водач на воздухоплов, со несовесното вршење на своите овластувања и должности, овозможил на истото лице во периодот од 27.10.2023 заклучно со 14.06.2024 година од Службата за општи и заеднички работи да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата во својство на капетан- водач на воздухоплов, на кој начин првопријавениот овозможил лицето да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 3.444.615 денари, а на штета на Буџетот на Република Северна Македонија и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело несовесно работење во службата по член 353-в став 2 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија“, информираат од Управата за финансиска полиција.