Финците повторно се најсреќна нација во светот

“Луѓето се обично среќни онолку што ќе одлучат да бидат”  – Абрахам Линколн

Оваа максима на 16. американски претседател, во чиј мандат било укинато ропството, пренесена во актуелниов миг, се чини, најдобро ја разбираат Финците, како и и нивните скандинавски соседи од северот на Европа.

Финците ниту се најбогати, ниту се најотворени, а, сепак, со години наназад, дури осум пати по ред, според наодите на World Happiness Report, се прогласувани за најсреќната нација на

Северните нации најсреќни

Извештајот, што оваа организација го објави на Меѓународниот ден на среќата на ОН, се базира на анализата на тоа како жителите на над 140 земји го оценуваат квалитетот на својот живот според таканаречената Кантрилова Скала, во која со 10 се оценува некој кој моментално се чувствува дека живее најдобро можно. Според ваквото рангирање Финците се на прво место со просечен резултат од 7,74.

„Тие се богати, здрави, имаат социјални врски, социјална поддршка и врска со природата“, вели Јан-Емануел Де Неве, професор по економија на Универзитетот во Оксфорд, раководител на Центарот за истражување на благосостојбата и уредник на Извештајот за светска среќа.

„Тие не се среќни и радосни по самата своја природа, не се луѓе што танцуваат на улица, но севкупно се многу задоволни од својот живот“, оценува Де Неве.

На врвот на листата, заедно со нив, годинава, како впрочем и во изминатите години, се најдоа нивните соседи Данци, Норвежани, Исланѓани и Швеѓани. На листата 10 најсреќни нации меѓу другите се и Холандија и Луксембург, а како изненадување тука годинава за првпат се вбројуваат и Костарика, и Мексико, како и Израел, земјата која веќе две години води жестока војна во Газа, и има мноштво жртви.

 

Падот на Американците

Американците годнава паднаа на најниското ниво во рангирањето – 24-то место, откако лани испаднаа од првите 20 за првпат од инаугуративната листа во 2012 година, иако САД се една од најразвиените, најбогати и технолошки најнапредни земји.

Има повеќе причини за падот на барометарот на среќата кај Американците, но една се смета за најчеста и се зема за клучна за вкупниот впечаток. Осаменоста. Во 2023 година, приближно една четвртина од Американците изјавиле дека сами ги јадат сите свои оброци, што претставува зголемување од 53 проценти во однос на 2003 година. Ова особено се однесува за младите луѓе, кои почесто јадат сами, се наведува во извештајот.

Севкупно, Американците под 30 години се чувствуваат „помалку поддржани од пријателите и семејството, помалку слободни да донесуваат животни одлуки и помалку оптимисти во врска со нивниот животен стандард“, изјави Рон-Леви.

Нордиските земји, кои историски се на врвот, стануваат посреќни, додека САД стануваат помалку среќни. Иако БДП по глава на жител е релативно сличен во нордиските земји, САД, Австралија и Велика Британија, распределбата на богатството ги издвојува.

„Во овие нордиски земји, растечката плима ги крева сите бродови, така што нивоата на економска нееднаквост се многу помали, а тоа се одразува и на благосостојбата“, вели Де Неве. „Во Финска, повеќето луѓе ќе се оценат себеси меѓу седум или осум на скалата на среќни, исполнети, задоволни луѓе, додека ако се погледне распределбата на расположението меѓу Американците, ќе се види дека има многу што ќе дадат десетки, но има и многу единици.“

 

Причини за среќата

Зошто Финците се чувствуваат толку среќно? Од воздухот, водата, храната, внатрешната хармонија со себе, семејството, работната средина,околината…. или на сите нив, на чувството на припадност,сплотеност….

Финците среќата не ја дефинираат генерално како постојана еуфорија, туку како чувство на сигурност, на извесност, на благодарност.

„Луѓето си веруваат едни на други во Финска и… на многу нивоа во општеството, се обидуваме да се поддржуваме едни со други“, вели Александра Пет, жителка на Хелсинки. „Системот прави некако да можете да му верувате.“

Силниот систем на социјална заштита на поединецот, а тука пред се се’ мисли на бесплатното образование, достапното здравство и ниското ниво на корупција создаваат средина во која граѓаните знаат што да очекуваат од државата – и од утрешниот ден. Што, се чини, им е доволно да бидат среќни, задоволни од животот, без разлика што не располагаат со богатства како другите развиени држави и нации.

Нордиските земји „продолжуваат да имаат корист од универзално достапните и висококвалитетни системи за здравствена заштита, образование и социјална поддршка“, вели Илана Рон-Леви, директорка во Галуп. „Нееднаквоста на благосостојбата е, исто така, ниска“.

Надвор од институционалните системи за социјална поддршка, експертите велат дека жителите на овие земји се грижат едни за други. Најсреќните нации во светот воопшто не се совршени, туку се само добро организирани, сметаат експертите. Тие покажуваат дека вистинската среќа произлегува од чувството на сигурност, припадноста и довербата – вредности што можат да се изградат и надвор од економскиот луксуз.

Среќата на нациите денеска не се мери само преку економски раст, туку преку комбинација од социјална сигурност, квалитет на живот, доверба во институциите и лична слобода. Најчесто користени индикатори при определување на среќата на нацијата се земаат БДП по глава на жител, социјалната поддршка, очекуваниот животен век, личната слобода, довербата во институциите и перцепцијата за корупција.

 

Споредби и разлики

Кога ќе се земе да се анализира зошто Финците или сите нивни соседи од Скандинавија, постојано се рангирани како посреќни од, на пример, Швајцарците кои имаат повисок БДП по глава на жител од нив, тогаш сигурно како параметри се земаат токму силниот социјален систем, бесплатните јавни услуги и ниското ниво на социјален стрес во нивната земја. Швајцарија, пак, нуди висок животен стандард и стабилна економија, но таму има поголем притисок и индивидуална одговорност. Затоа, сигурноста и еднаквоста на Финците имаат поголемо влијание врз среќата отколку апсолутното богатство на Швајцарците.

Среќата може да произлезе и од силната заедничка култура, а не само од голем државен апарат, каков што е примерот кога ќе се компарира среќата меѓу Данците и Исланѓаните, две држави на врвот од листата на најсреќни нации во светот годинава. Данска е пример за системска среќа – добро организирана држава каде граѓаните имаат целосна доверба во институциите.

Исланд, иако мала и географски изолирана земја, се издвојува по силната заедница, родовата еднаквост и блискоста со природата.

Како се оди се појужно на Стариот континент се гледа дека степенот на среќа се намалува со секој изминат километар. На Балканот, како пример, и покрај силните семејни врски и културна топлина, општата среќа на нациите значително ја намалува долгорочната, пред се, економска несигурност, ниската доверба во институциите, како и чувството на неправда и нееднаквост, што кажано на обичен јазик, емоционалната блискост меѓу луѓето не може целосно да ја компензира институционалната слабост.

Затоа тука е потребно прво да се засили институционалната стабилност, а тоа најдобро ќе се изведе преку инвестирање во јавното здравство и образование, преку јакнење на институционалната транспарентност, намалување на социјалните разлики и поддршка на младите и семејствата.

Што навистина луѓето ги прави среќни? 

Едно прашање редовно се поставува –што навистина луѓето ги прави среќни? Најновите меѓународни анализи покажуваат дека одговорот не лежи само во парите. Најсреќните нации не се оние со најмногу луксуз, туку оние со најмалку страв од иднината. Тие докажуваат дека среќата е резултат на функционален систем, а не на случајност.

Иако анализата на рангирањето ги зема предвид БДП по глава на жител, распределбата на богатството и очекуваниот животен век на земјата, истражувачите открија дека социјалната доверба и поврзаноста помагаат во одредувањето на среќата повеќе отколку што луѓето мислат.

Оваа година, истражувачите пронајдоа силна корелација помеѓу некој што верува во љубезноста на другите и сопствената перцепирана среќа. Насекаде, премногу често, луѓето ја потценуваат љубезноста на другите, како, да речеме, дали некој ќе врати изгубен паричник или клуч од автомобил. Тоа влијае на благосостојбата. Паричниците и клучевите се враќаат на нивниот сопственик речиси двојно побрзо од она што луѓето тоа го претпоставуваат. Меѓутоа, споредено со САД, повеќето граѓани во нордиските земји веруваат дека изгубениот паричник и клуч ќе биде вратени (и повеќе луѓе веројатно ќе ги вратат).

„Колку повеќе верувате во љубезноста на другите, или со други зборови, имате социјална доверба, толку е поголема вашата индивидуална благосостојба и поголема колективна благосостојба“, вели Де Неве. „Нордиските земји, скандинавските земји, се справуваат подобро, и во верувањето во љубезноста на другите и во самото губење на паричникот.“

Одржувањето силно чувство на заедница со дела како што се редовните оброци со семејството и пријателите, на пример, ја подобрува социјалната доверба и среќата, се наведува во извештајот.

Тука, како најдобри примери може да се земат Мексико и Костарика, кои се годинава влегоа во првите 10 за првпат во историјата на листата, пред се, заради силата на социјалните ткива во двете земји.

„Тоа не е поради високиот БДП и највисокиот животен век кај нив“, вели Де Неве за двете земји. „Тие поминуваат време јадејќи и ручајќи со други, дружејќи се со пријателите, и нивното време не е целосно искористено со социјалните медиуми…..“

 

Оспорена методологија

 

Меѓутоа, има и размислувања дека сето ова што се зема како податоци, резултати и анализи за степенот на среќа кај нациите во светот не е поткрепено со научна и општо прифатена методологија, дека нема баланс меѓу објективните и субјективните критериуми при оценувањето.

Една од нив е Норвежанката Фиори Меконен, која како 41-годишна жена, го оспорува и го смета за заблуда јазот помеѓу високиот рејтинг на нејзината земја на индексот на среќа и вистинската емоционална благосостојба на нејзиното население.

Фиори Меконен (@fiori_mek), ја сподели својата сега вирална објава на Threads, собирајќи над 94.000 прегледи, а во неа откри дека Финска, Данска и нејзината матична земја постојано се на врвот на Извештајот за светска среќа – но сепак таа гледа јаз помеѓу таканаречената среќа и удобност. Таа за Нузвик изјави дека секогаш кога е во странство и ќе каже дека е од Норвешка, добива коментари за тоа како Норвежаните се „најсреќните луѓе“.

„Тоа ме натера да размислам за јазот помеѓу таа перцепција и она што всушност го доживеав растејќи таму. Можев да ја видам брилијантноста на норвешките системи – мрежата за безбедност, довербата, здравствената заштита, еднаквоста. Но, исто така, гледав како општеството ги усовршува своите материјални услови додека нешто друго тивко се случуваше. Да, видов среќа. Но, видов и осаменост и емоционално ограничување толку нормализирано што стана невидливо“, рече Меконен.

Меконен рече дека културната норма „не мисли дека си посебен“ се протега подалеку од скромноста и честопати целосно го потиснува автентичното изразување. Во Норвешка, додаде таа, радоста, тагата, возбудата и ранливоста се држат цврсто под контрола. Странците ретко разговараат освен ако алкохолот или активностите на отворено не го скршат мразот, а работните места често се чувствуваат емоционално оддалечени, сè до пијалоците во петок.

Таа забележа дека оваа тензија – помеѓу високите рангирања и емоционалната рамномерност што ја забележала – е тоа што ја мотивирало за нејзината вирална објава. Удобноста, смета таа, е суштинска, но не е синоним за среќа. Светскиот извештај за среќа мери како луѓето ги оценуваат своите животи на скала од најлош до најдобар можен живот, а не дали се чувствуваат емоционално исполнети или поврзани.

„Можете позитивно да ја оцените вашата ситуација врз основа на безбедноста, здравствената заштита, економската стабилност, додека доживувате емоционална рамнодушност“, рече таа.

Меконен, чие семејство е еритрејско, се преселила во Норвешка на четиригодишна возраст и пораснала претопена во норвешката култура. Таа сега го дели своето време помеѓу САД и Азија, патувајќи бавно додека работи од далечина од Вашингтон. Нејзината глобална перспектива го продлабочи нејзиното разбирање за разликата помеѓу удобноста и радоста.

„Моето норвешко воспитување, моето еритрејско наследство и годините патување ме научија да правам разлика помеѓу удобност и среќа“, рече Меконен. „Имам среќа што имам материјална сигурност и учам што всушност носи радост – семејство, заедница, припадност.“

Таа на крајот додава дека разговорот е помалку критика на нордискиот модел, а повеќе покана да се преиспита што значи среќата.

„Не можете да ја регулирате среќата или да ја конструирате интимноста на начинот на кој ја конструирате инфраструктурата“, рече Меконен. „Општествата можат истовремено да се истакнуваат во мерливи резултати, а воедно да го доживуваат она што го опишувам во темата: безбедност без припадност, стабилност без живост.“

Меконен рече дека одговорот на нејзината објава е огромен. Многу нордиски жители и странци што живеат таму испратија пораки за да кажат дека се согласуваат, опишувајќи слични искуства на изолација или емоционална резерва. Други не се согласуваа, верувајќи дека таа го претерала проблемот. Но, она што најмногу ја погоди беа одговорите од луѓе во други западни земји како што се Канада, Велика Британија, Австралија и САД, кои рекоа дека забележале ист модел: „висока материјална удобност, пригушена емоционална температура.“

„Сакам да бидам јасна: Не сум против нордискиот модел (многу сум за него), но јас само прашувам дали нашите методологии ја доловуваат целосната слика за човечкиот просперитет“, додава Меконен.

Back to top button
Close