Фирмата која го изработи еколошкиот план на Општина Кисела Вода ќе ја подготвува техничката документација за брзата пруга

До 2028 година ќе сообраќаат првите товарни возови, а од 2031 година треба целосно да биде двоколосечната брза пруга од Табановце до Богородица.Ова е ветувањето на Владата за најголемиот железнички проект на Коридорот 10 кој ќе биде финансиран од инвециска банка чиј кредит ќе го гарантира британската влада или стратешкото партнерство со Обединетото Кралство.

Иако не е познато од каде ќе се подигне кредитот од 1,9 милијарди евра за брзата пруга, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, најавува дека подготовките веќе се во тек, а првите багери на терен треба да се појават кон крајот на летото или почетокот на есента следната година.

Николоски објасни дека во моментов се одвиваат сите подготвителни работи на терен, како и изработката на техничката документација и студиите за влијание врз животната средина и екологијата.

Како што рече министерот Николоски по препорака на УКЕФ, развојната агенција на Обединетото Кралство е одбрана компанијата IRM, која во моментов ги изработува сите потребни технички документи за реализација на брзата пруга.

На тендерот за Избор на консултантска куќа за изработка на подготвителна техничка документација за Проектот Изградба на брза пруга долж Коридорот 10 се јавила само компанијата „ЕРМ Италиа Спа“ од Милано која понудила единствена цена од 51,8 милиони денари или околу 850.000 евра без ДДВ или 1 милион евра со ДДВ.

Италијанската компанија за подизведувачи во подготвувањето на техничката документација за за проектот брза пруга ги ангажирала швајцарската фирма „SSB SAUERWEIN & SCHAEFER BAU AG“ и Друштво за менаџмент, консалтинг, инжинеринг и дизајн Г-КОНСАЛТ ДООЕЛ Скопје.

Фирмата Г-КОНСАЛТ ДООЕЛ Скопје има големо искуство во оваа област, а според јавните податоци, таа го изработила Локалниот еколошки акционен план на Општина Кисела Вода за периодот од 2022 до 2028 година и е ангажирана за време на мандатот на сегашниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Според договорот, физибилити студијата за брзата пруга треба да се изработи до крајот на март 2026 година, а до јуни 2026 ќе треба да се изработи студијата за оценка на влијанието врз животната средина.

Паралелно се спроведуваат и истражувања за заштита на екологијата во период од најмалку две сезони, за да се утврди какви ефекти ќе има трасата врз животната средина.

Според роковите што ги посочи вицепремиерот, очекувањата се до јуни или јули да биде завршена клучната документација и анализи, а потоа, кон крајот на летото или почетокот на есента следната година, да почнат првите градежни активности. Рокот за изградба е пет години, со цел до 2031 година да биде комплетно завршена двоколосечната пруга по Коридорот 10, при што една од линиите, наменета за карго-транспорт, треба да биде подготвена за сообраќај веќе во 2028 година.

Проектирањето и изведбата се во еден пакет, од документација до градба и за нив одговорноста ќе ја има изведувачот кој ќе биде избран. Државата, на овој начин, се обидува да се заштити од класични проблеми кај големите инфраструктурни проекти: пролонгирање на роковите, дополнителни анекси и зголемување на цената.

Во делот на финансирањето ќе се инсистира кредитот да почне да се враќа дури во моментот кога проектот ќе биде завршен и предаден. Грејс-периодот, според најавите, треба да биде најмалку ист со рокот на градба (fokus.mk)

Back to top button
Close