Фирмите изнесувале неопожарено со опожареното дрво
Во разговори со претставници на различни институции ни беше посочено дека пожарите намерно се подметнуваат за од една страна дрвото да се откупи по пониска цена, а од друга страна да се прикрие нелегалната сеча во шумите. Во брифинзи со четири лица вработени во Шумската полиција и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ни беше посочено дека пожарите се подметнуваат во предели со борови насади.
„Шумските пожари се подметнуваат од фирми таму каде што има борови насади, за потоа дрвото да се користи за производство на пелети. Докажувањето на поврзаноста меѓу лицата и фирмите е тешко. Потребно е активирање на посебни истражни мерки – следење на комуникација и одземање на телефони, за да се види кој со кого комуницира, бидејќи јавна тајна е дека постои голем криминал со пожарите и нелегална сеча, во кој се вклучени вработени од ЈП Национални шуми, МВР, шумската и граничната полиција, и судот“, велат во Шумската полиција.
„Во шумските пожари калориската вредност на борот не опаѓа, додека на дабот опаѓа. Затоа, најчесто пожарите се во предели со борови. Фирмите, кои добиваат дозвола за сеча на опожарените дрва, сечат здрави дрвjа од околни места и ги носат на местата на пожарите, за нив да ги прикријат при транспортот со опожарените дрва. Фирмите тактизираат да ја однесат опожарената дрвна маса за со неа, без да бидат евидентирани, да однесат и неопожарена“, објаснуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
![Министерство за земјоделство и шумарство](https://i0.wp.com/nota.mk/wp-content/uploads/2025/02/Ministerstvo-za-zemjodelstvo-i-shumarstvo_credits_Aleksandar-Metodijev-1024x576.webp?resize=1024%2C576&ssl=1)
Тактизирање за изнесување и неопожарено дрво
По пожар во шума и склучен договор за сеча, фирмите имаат рок од две години да ги отстранат опожарените дрвја. Дозволите за сеча на изгорените дрвја се добиваат во Јавното претпријатие „Национални шуми“. Како што нѐ брифираа во Министерството за земјоделство и шумарство, фирмите чекале да помине време и да се намалат контролите на терен за да изнесат поголема количина од таа во договорот. За криминалот во шумарството зборувавме и со заменик-директорот на јавното претпријатие „Национални шуми“.
„Значи, имало огромен криминал во шумарството, меѓутоа или некој не сакал да го види, или едноставно не го интересирало тоа што се работело таму, за на крајот да го продуцира тоа што го начекавме – една руинирана фирма со илјада и шестотини, седунстотини вработени оставени без плата, оставени без придонеси, оставени да прават што сакаат, да не одат на работа, а од друга страна, кога ќе се појават пожари, пак, беа сите заинтересирани да дојдат со фирмите таму и да сработат кој колку може повеќе“, објаснува Кире Михаилов, заменик-директор на ЈП „Национални шуми“ и додава: „Само во месеците јули и август имавме некаде преку 2.000 пожари. Значи, тоа беа по 40-50 пожари дневно. Тоа беа пожари во коишто беа вклучени постојано нашите екипи. Тоа беа пожари во коишто се истрошија огромни ресурси, меѓутоа јас честопати во моите изјави коишто ги давав кажував дека овие пожари некако ми беа стратешки подметнувани, барем така јас мислам. Зошто го велам тоа? Затоа што буквално насекаде ги имаше во Македонија. На дневна основа да ти се појават 40 до 50 пожари на различни локации не е нешто нормално“.
Како и по овие лански пожари, така и по други во минатото, остануваат предели кои се помалку оштетени, или во кои пожарот зафатил само тревна површина или мов. Меѓутоа, целата шумска површина се означува како зафатена со пожар и се дава дозвола за сечење на дрвото.
![Кире Михаилов](https://i0.wp.com/nota.mk/wp-content/uploads/2025/02/Kire-Mihailov-1-1024x576.webp?resize=1024%2C576&ssl=1)
„Што правеле оние коишто правеле? Значи, тие влегле во тие површини, со однапред добиени дозволи за да сечат и прво го сечеле квалитетното дрво и на крајот да дојде да се сече она коешто е вистински опожарено. И, што е она што кај мене будеше одредени сомнежи? Јас тогаш бев на терен, на лице место ги снимав и кажав дека дрвната маса, којашто се сече таму и е дел од некакви решенија за сеча, можеби не се наплаќа согласно реалната состојба. Значи, да, можеби некаде пожарот поминал и ако тоа дрво е квалитетно и без разлика што пожарот поминал и веќе се сече, тоа дрво треба да се наплати согласно фактичката состојба. Значи, како зелен труп, како труп прва класа, втора, трета, а не по цена на чипс“, објаснува Михаилов.
Него го прашавме – која е разликата помеѓу едното и другото?
„Огромна е разликата. Ако еден труп можеби неговата цена е шест илјади денари за метар кубен, цената за чипс можеби е 300 денари. Значи, разликата во цената е огромна и токму ова пројави некои сомнежи и кај мене и кај одредени луѓе од шумарската фела дека во одредени места, на одредени површини, се правеле токму вакви манипулации. Јас, конкретно за Малешевијата, имам поднесено пријави до инспекторатот и обвинителствата“, вели Михаилов.
Од сите лански шумски пожари во Западен Балкан, 36 проценти биле во Македонија
Две години по ред Македонија, во споредба со останатите земји од Западен Балкан, губи најголема површина шуми во пожарите. Според податоците на Европскиот информациски систем за следење на шумски пожари, во периодот од 2020 до 2024 година, во Македонија биле опожарени 134.314 хектари земја. Од нив само во минатата година горело на 95.214 хектари шуми и шумски предели. Во целиот Западен Балкан лани имало над 250.000 хектари опожарени шуми и шумски предели.
„И што е најжалниот податок за нас и нашата држава е тоа дека скоро 36 проценти од оваа бројка отпаѓа на пожарите коишто беа во Македонија“, објаснува Цветан Николовски, тим-лидер на програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан и додава: „Во споредба со земјите од Западниот Балкан, нашата држава, за жал, високо котира во однос на површината којашто била под пожар. За жал, Босна и Херцеговина е таа којашто во последниве пет години има најголема територија од опожарена површина, додека Македонија е на второто место по Босна и Херцеговина по опожарената површина“.
![Цветан Николовски](https://i0.wp.com/nota.mk/wp-content/uploads/2025/02/Cvetan-Nikolovski_credits_Aleksandar-Metodijev-1024x576.webp?resize=1024%2C576&ssl=1)
Со раководителот напрограмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан, која е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, разговаравме и за штетите предизвикани од пожарите во македонските шуми. Пресметката на вкупната штета е за периодот од 2000 до 2022 година и кога кон неа би се додале штетите од пожарите во минатите две години, сумата би била поголема.
„Податоците покажуваат дека вкупната штета е некаде над 170 милиони евра, којашто ја вклучува дрвната маса и трошоците кои се користеле за гасење на пожарите. Што некаде би дошло околу седум милиони евра годишно некоја просечна вредност. За жал, во нашите пресметки секогаш е таа пресметка по дрвна маса, меѓутоа тука никогаш не се пресметува губењето на живеалиштата, губењето на другите шумски производи, коишто може руралното население да ги користи, туризмот, прочистувањето на водите, на воздухот и така натаму. Сето тоа не е земено предвид во оваа пресметка и тогаш ако ги ставиме и овие податоци, оваа бројка би била многу, многу повисока“, објаснува Николовски.
Шумски пожари во зима
Шумите се палат и од невнимание, при палење на остатоци од жетва или скара, но и намерно – од економски побуди.
„90 проценти од пожарите во Северна Македонија се предизвикани од човекот. Така што, тоа е огромен процент којшто отпаѓа на човечкото влијание и на активностите на човекот. Добар процент од тие 90 проценти се од негрижа – значи, не знам дали е тоа палење скара или жетвени остатоци и така натаму, меѓутоа добар процент е пак, за жал, и од намерно палење на пожари или предизвикување на пожар во шума или вон шума, сѐ со цел ете да има пожар во шума, тој да се префрли во шума“, објаснува Николовски.
Дека шумите не горат само во топлите летни денови, потврда се пожарите во пехчевскиот крај на почетокот од јануари годинава. Така се гасел пожар на 1 Јануари, кога во местото Грбавец, меѓу селата Робово и Мачево, гореле црн бор и смрека.
Повторно на празник, овојпат на вториот ден Божиќ – 8 Јануари, се гасел подметнат пожар во пехчевското село Негрево.
На Илинден, пак, почнал и огромниот пожар во Малешевијата во 2021 година, кој бил подметнат во селото Разловци и се проширил на околу 4.100 хектари шума.
Во овој крај од државата имаше пожари и лани во август, кога на планината Буковик изгореа 40-ина хектари шума. Тој пожар, како што нѐ информираа од Шумската полиција во Пехчево, траел скоро три недели.
(продолжува)
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработник: Станимир Вагленов
Изработката на овој текст, и на документарно-истражувачкиот филм „Шумите во пламен“, е поддржана од Journalismfund Europe.