Фискалниот совет предлага зголемување на старосната граница за пензија на 67 години
Фискалниот совет, државна институција основана од Собранието, предложи зголемување на старосната граница за пензија на 67 години како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029). Овој предлог, доставен до законодавниот дом, предвидува измената да стапи на сила во 2026 година и важи за мажи и жени.
Фискалниот совет, чија цел е да следи како власта го менаџира буџетот и јавниот долг, беше формиран минатата година со поддршка од странски партнери. Ова тело, замислено како контрола на фискалната одржливост, има тројца членови предложени од МАНУ, Државниот завод за ревизија и Народната банка на Македонија. Меѓу нив се академик Абдулменаф Беџети, професорката Мирјана Трпеска и банкарот Глигор Бишев.
Фискалниот совет ја нагласува важноста од ваквите реформи за долгорочна финансиска стабилност, но реакциите од јавноста и политичките субјекти сугерираат дека ова прашање ќе предизвика дополнителни дебати.
Секоја трета пензија од државниот буџет
Дека состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со години наназад не е розова, потврдуваат и извештаите на Државниот завод за ревизија, кои неколку години наназад посочуваат дека овој фонд е заглавен во проблеми до гуша. Иако приходите од наплатен придонес за ПИОМ во 2022 година се зголемени за 11,63% во однос на претходната 2021 година и изнесуваат над 54 милијарди денари (околу 890 милиони евра), сепак расходите се многу поголеми.
Расходите за социјални бенефиции во 2022 година изнесуваат над 87 милијарди денари (1,4 милијарди евра) за вкупно 335.743 пензионери. Поради дефицит на средства за исплата на пензии, во 2022 година се трансферирани речиси 530 милиони евра од државниот буџет. Финансиската дупка меѓу приходите и расходите на Фондот за пензиско осигирување е 33,58 отсто, или речиси за секој трет пензионер било неоходно да се црпат пари од државниот буџет за да му се исплати пензија.
Од каде ќе се обезбедат пари за пензии?
Според податоците на ПИОСМ за исплата на пензиите догодина ќе се потрошат 2,195 милијарди евра, од кои 1,55 милијарда се очекува од придонесите што ги плаќаат вработените, а државната каса ќе помогне со 570 милиони евра.
Новиот менаџмент до Владата и до Министерството за социјална политика најави дека ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки за стабилизирање на буџетот за исплата на пензиите. Мемов очекува приходите по основ на плаќање на придонеси до крајот на годината да растат и дефицитот да се стабилизира.
ПИОСМ планира од 2,195 милијарди евра да исплати 105 милијарди денари, односно 1,7 милијарди евра по основ на пензии, а во вториот задолжителен пензиски столб ќе се трансферираат 15,6 милијарди денари или околу 250 милиони евра. Од 18,8 проценти, колку што изнесуваат придонесите за пензиско и социјално осигурување кои ги уплаќаат осигурениците, 12,8% се наменети за исплата на пензиите, а 6% се уплаќаат во вториот столб.
Исто така, Фондот за пензиско планира приходи од свои извори во висина од 80 милијарди денари, по основ на уплата во вториот столб приходи од 15,6 милијарди денари. По основ на акциза, ПИОСМ законски добива 9,18% или 1,63 милијарди денари од вкупно наплатените акцизи на државата. Од други приходи од кирии, акции и дивиденди ПИОCМ планира да собере 700 милиони денари. Вкупните приходи кои ПИОСМ ќе ги собере како Фонд се 97,93 милијарди денари.
Од трансфер на Владата за исплата на пензиите се очекуваат 35 милијарди денари или 580 милиони евра .
Заклучно со 15 октомври, се издадени 19.677 решенија за пензии.
Странски искуства
Глобалната криза и кусоците во буџетите, порано или подоцна,го наметнуваат прашањето за зголемување на старосната граница на пензионирање. Холандија планира до 2025 година да ја зголеми границата за две години, односно на 65 години старост. Шпанската владата на почетокот на 2010 година ја објави намерата да ја зголеми старосната граница од 65 на 67 години. Во Германија може да се пензионирате кога ќе наполните 63 години. Предуслов е да плаќате пензиско осигурување минимум 5 години.
Нема големи разлики ни во Швајцарија, каде жените и мажите одат со 64, односно 65 години. Во Велика Британија и во Австрија границата за жените е 60, а на мажите 65 години.
Во Србија правото на старосна пензија можат да го остварат мажите на 65 години, а жените на 63 години и осум месеци и најмалку 15 години стаж. Во Хрватска старосната граница за пензионирање за мажите е 65 години и минимум 15 години стаж, а за жените – 63 години и шест месеци. Во Словенија старосната граница за пензионирање е иста за мажите и за жените – 60 години старост и 40 години пензиски стаж или 65 години старост и 15 години стаж на осигурување.
Според проценки од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), објавени во анализата во 2023 година, нормалната старосна граница за пензионирање ќе се зголемува во иднина. До 2060 година се проценува дека Данска ќе има највисока старосна граница за пензионирање од 74 години. Потоа ќе следуваат Италија и Естонија со 71 година за двата пола. Исто така, се проценува дека Луксембург и Словенија ќе ја имаат најниската старосна граница за пензионирање од 62 години за двата пола до 2060 година.
Осигурениците во Северна Македонија имаат право на старосна пензија кога ќе наполнат 64 години за маж, или 62 години за жена и со најмалку 15 години стаж.
„Продолжувањето на старосната граница е само една од мерките на ригорозно штедење на државните трошоци. Во настојувањето да се изборат со дефицитите во буџетите членките на Европската Унија ги намалуваат платите, воведуваат нови даноци – всушност секоја земја воведува свои мерки на борба против последиците од глобалната криза.
Република Македонија не може да остане надвор од европскиот тренд на зголемување на старосната граница за пензионирање. Границата еднаш се помести, на 62 години за жени и 64 за мажи. Не сме исклучок ни во расположението на граѓаните – луѓето, природно, сакаат порано во пензија, но истовремено се потполно свесни за економската реалност на земјата“, се вели во анализа на Сојузот на синдикатите објавена пред неколку години.