Флорин Бесими имал и друг избор, но ДУИ нема

Пратеникот Флорин Бесими од Демократската унија за интеграција, и брат на Фатмир Бесими, кој е кандидат на истата партија за министер за финансии, реши да го врати мандатот за пратеник во Собранието. Причина за таквата негова одлука е да избегне конфликт на интереси, до кој би дошло кога ќе гласа за избор на Владата во која е предложен и неговиот брат. На ова деновиве укажа и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), откако на листата предложени министри на ДУИ се најде и името на неговиот брат, што предизвика внатрепартиски негодувања за дводецениски непотизам во редовите на интегративците.

Флорин Бесими, практично и не можеше да го прикрие постоењето конфликт на интереси, со оглед дека не е непознат во пошироката јавност. Тој неколку години е директор на Клиничката болница во Тетово, а на последните парламентарни избори беше на листата на ДУИ во шестата изборна единица на второто место, веднаш по лидерот Али Ахмети. Неговото име изби во преден план по незадоволството на некои ограноци на ДУИ од предложените кадри во новата влада. Реакциите не се однесуваа на предложениот кандидат за министер за финансии (најмногу биле за кандидатот за министер за надворешени работи, Бујар Османи), а во „случајот Бесими“ се однесуваа на фактот дека двајца браќа ќе бидат добро распоредени во власта – едниот во извршната, другиот во законодавната.

Florin Besimi (DWSveto Toevski)Флорин Бесими

Можност за изземање

Дали Флорин Бесими немал друг избор, освен – враќање на мандатот? Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, тој има и друга можност: да се изземе од гласањето за новата влада. Според член 74, службеното лице е должно да го извести раководното лице, односно институцијата, за сите постапки што можат да предизвикаат судир на интереси, а раководното лице е должно да ги преземе сите неопходни мерки за спречување на судир на интереси. Според член 75, кога службеното лице ќе дознае за околности што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси, е должно веднаш да побара да биде изземено и да запре со своето постапување. Лицето ќе биде изземено од вршењето на определено дејствие со одлука на органот во кој е избрано или именувано.

На ваквите можности укажува и претседателот на Собранието, Талат Џафери, во однос на причините заради кои Флорин Бесими го враќа мандатот.

„Има соодветна процедура пропишана во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, во кои има обврска и за тој што смета дека би имал конфликт на интерси, и за институцијата во која е избран или именуван. Пратеникот кој мисли дека со неговата постапка би дошол во судир на интереси, во соодветна постапка за тоа треба да го извести претседателот на Собранието и да достави барање за изземање од учество во дебата и за изземање од одлучување. Не е услов по секоја цена да поднесе оставка. Може да се изземе од одлучување“, вели Џафери.

Der mazedonische Verteidigungsminister Fatmir Besimi (M.I.)Фатмир Бесими

Секој глас е важен

Зошто пратеникот ја избрал оставката? Извори од ДУИ, сметаат дека целта е обезбедување стабилни гласови, отакако се појави незадоволство во неколку партиски ограноци, пред се во Чаир, каде реагираат дека не биле консултирани за кадровските предлози за министри. Според медиуми на албански јазик, деновиве се водат интензивни разговори меѓу претставниците на незадоволните ограноци и партискиот врв, па дури и со посредници од Косово и Албанија. Дали Ахмети ќе го ревидира списокот со предложени министри – засега е неизвесно. Од друга страна, доколку не го направи тоа, може да се соочи со најавите дека еден или двајца пратеници на ДУИ нема да гласат за избор на Владата. Во таков случај веројатно би било поразично ако и Флорин Бесими се иззме од гласање, па партиски извори во ова ја гледаат причината зошто тој се решил на оставка, како што самиот нагласи, во консултација со Ахмети. Според овие извори, потегот на Бесими го сметаат и за главна индиција дека сѐ уште не се надминати недоразбирањата во партијата, а со тоа тлее и незивесноста дали сите пратеници на ДУИ ќе гласаат за Владата.

Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje (DW/P. Stojanovski)

Таквиот аспект не може да се насети од образложението на Флорин Бесими, кој неговата постапка ја објасни со почитување на високи принципи.

„За мене претставува посебна чест и одговорност да ве претставувам во Собранието на Република Северна Македонија, но околностите ми наложуваат да донесам сосем друга одлука. Останувајќи убеден во принципите за еднаквост, правда, еднакви можности за сите, и почитувајќи ги во целост законите како и волјата на народот, изјавувам дека останувам доследен и го враќам мандатот на пратеник во Собранието на РСМ, со цел да се избегне можен конфликт на интереси со мојот глас. Оваа одлука ја донесов на денот кога беа објавени имињата на кандидатите за министри на новата влада, која произлезе од гласот и слободнатата волја на граѓаните на парламентарните избори одржани на 15 јули. Оваа моја одлука е по предходна консултација и потполна координација со претседателот Али Ахмети“, напиша Бесими во соопштението до јавноста.

извор: ДВ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close