Фокус-Конзорциум со печатница на екс градоначалник наплатил 3,6 милиони евра од МОН за учебници, а 1,5 милион евра „легнале“ кај издавач за само 3 месеци!

Веднаш откако нова министерка за образование стана Весна Јаневска во 2024 година, МОН склучи 16 договори за набавка на учебници во вкупна вредност од околу 3,2 милиони евра, по пат на преговари без објавување на оглас.

Но, според БЈН, веќе во следната 2025 година, Министерството спроведе отворена тендерска постапка за печатење и дистрибуција на учебници за основно и средно образование, во чии рамки склучи 2-годишна рамковна спогодба со друштвото „Бранко Гапо“ во износ од 6 милиони евра.

Меѓутоа, еден од учесниците на тендерот – „Полиестердеј“, ја оспорил постапката, обвинувајќи дека таа е незаконски спроведена. Сепак, второстепената Комисија ја одби жалбата, па тендерот го доби компанијата „Бранко Гапо“, која настапила во групација со „Европа 92“, поврзана со поранешниот кочански градоначалник Ратко Димитровски.

Според податоците што ги обезбеди „Фокус“, МОН досега исплатил околу 3,7 милиони евра, што значи дека исцрпени се повеќе од половина од средствата предвидени со спогодбата. Арно ама, нејасно е колку од овие средства завршиле кај носителот на конзорциумот „Бранко Гапо“, а колку кон членот „Европа 92“, бидејќи од МОН велат дека си имаат работа со носителот, додека од двете компании одбиваат да ја појаснат поделбата на колачот.

Додека вршевме проверка во „Отворени финансии“, внимание ни привлекоа неколку повисоки трансакции од МОН кон издавачката куќа „Арс Студио“, која за период од само 3 месеци примила 3 уплати од 45.331.143 денари (ноември), 19.726.680 денари (декември) и 26.354.040 денари (јануари), или вкупно речиси 1 и пол милиони евра.

Како што објаснуваат од компанијата, исплатите се извршени по основ на договор за учебници по 4 предмети, така што се извршила дистрибуција на 102.604 ракописи во околу 350 училишта.

Инаку, финансиските извештаи покажуваат значителен раст на фирмата во 2025 година, кога остварила приходи од безмалку 134 милиони денари и добивка од 75 милиони денари, што бездруго се должи на исплатите од МОН, кои за време на цела 2025 година изнесувале безмалку 2 милиони евра.

Влатко СТОЈАНОВСКИ  фокус.мк

Back to top button
Close