Фокус на реформите до изборите во 2024, уставните измени потребни за континуитет на преговорите

 Пораки да се стави фокусот на исполнување на суштинските реформи, а приоритет да биде ставен на борбата против корупцијата и владеењето на правото и на уставните измени со цел да не се загуби моментумот во преговорите, беа испратени вчера од говорницата во Собранието на седницата на Националниот совет за евроинтеграции, како и од американската амбасадорка Анџела Агелер која имаше заедничка прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи. 

Евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќањето пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, на кој шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон Јаин ги претстави приоритетите на претседавањето на нејзината држава со Советот на ЕУ, порача дека за Северна Македонија фокусот во 2023 година мора да биде на реформите.

 

-Реформи кои пред се и над се ќе бидат на барање на граѓаните и на нивните интереси. Патот напред, темпото на тие реформи и напредокот кон ЕУ сега зависи од вас. Сега е моментот кога треба да се надоврзете на оној поттик што се случи во 2022 со почнувањето на преговорите. Времето отсега до изборите во 2024 година треба да се искористи токму затоа, да се турнат напред оние толку потребни реформи за кои сите знаеме кои се и што е потребно да се направи, рече Гир.  

Тој нагласи дека опозицијата истовремено треба да ја одигра својата улога во ревидирање на политиките и осигурување на конзистентност на законските текстови со европското законодавство. 

Евроамбасадорот повтори дека патот кон членството во ЕУ нема да биде лесен. 

-Но, имате почнато со реформи во важни области, а некаде сте дури понапред и од други држави, од европски држави. Измените на Уставот со цел вклучување на граѓаните коишто се самоопределуваат како Бугари останува суверена одлука на Северна Македонија, но исполнувањето на тоа е потребно за да се задржи моментумот во преговорите. Станува збор за одлука која што не зависи од никој друг освен од вас, истакна Гир.  

Евроамбасадорот нагласи дека со станувањето членка на ЕУ, не се губи националниот идентитет.

-Уште еднаш дозволете да појаснам дека да се стане член на ЕУ, на никој начин не се одзема вашиот јазик или националниот идентитет. Неодамна потпишаниот договор со ФРОНТЕКС е доказ за тоа. Носи сигурност и безбедност за вашите граници, но истовремено тоа е и првиот договор меѓу Северна Македонија и ЕУ потпишан и преведен на македонски јазик и на сите други 24 јазици на ЕУ при што сите јазични варијанти се еднакво важечки. Да, тешко е, но ситуацијата може да се разреши и повеќе држави од регионот покажаа дека такво нешто е можно. И бидете сигурни дека ЕУ ќе стои цврсто до Северна Македонија, до секој чекор од нејзиниот пат до ЕУ. Ќе се справуваме со сите можни предизвици на тој пат заедно, подвлече Гир.  

 

Амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер порача дека пристапувањето кон ЕУ е од клучно значење за Северна Македонија.

-Ги поттикнуваме народните избраници да постапуваат во интерес на граѓаните и да постапуваат што е можно побрзо и да ги направат сите можни измени коишто ќе го отворат пристапниот пат кон ЕУ, порача Агелер на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија.

За уставните измени, таа рече дека САД го поддржува придвижувањето кон евроатланската интеграција како една долгорочна цел на Северна Македонија.

– Знаеме дека ова се тешки одлуки, граѓаните досега веќе имаат направено многу тешки одлуки, но ние поддржуваме сè што ќе ви овозможи придвижување кон тој пат, рече Агелер.

Шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон Јаин, претставувајќи ги приоритетите на шведското претседателство со Советот на ЕУ пред Националниот совет за евроинтеграции во македонското Собрание, рече дека реформите се клучот за одење напред кон евроинтеграциите.

 

-Ќе бидеме посветени да ви посакаме добредојде во ЕУ. Геополитичката реалност донесе нови предизвици. Меѓутоа, бенчмарковите мора да се исполнат. Северна Македонија се покажа како добро подготвена и високо професионална во процесот на скрининг и си постави амбициозни цели. Европската Унија е Унија што се заснова врз вредности, почитување на владеењето на правото и индивидуалните права. Реформите во владеењето на правото, фундаменталните права и судскиот систем, како и силната заложба за борба против организираниот криминал и корупцијата, претставуваат клуч за одење напред кон европската интеграција, рече Ларсон Јаин.

Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, најважно е да останеме доследни на нашата стратешка цел и да обезбедиме продолжување и континуитет на преговорите со ЕУ.

-Затоа мораме да се обединиме околу прашањето за европската иднина на земјата и со политички консензус да им обезбедиме на граѓаните стабилност, просперитет, нови можности и европски стандарди и функционирање на државата врз европски принципи и вредности. Мислам дека сите тоа го сакаме за државата, за сите граѓани и генерациите кои доаѓаат и треба да го потврдиме на дело, рече Маричиќ пред Националниот совет за евроинтеграции.

Потсети дека следниот период нè чека интензивна трансформација на македонското општество, подготовка на Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација, завршување на скрининг процесот, извештаи од истиот поединечно за секој кластер, што, како што рече, ќе бидат основа за ревизија на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и креирање на приоритети во спроведувањето на истата.

-Имаме доволно време и простор успешно да ги завршиме уставните измени, за задржување на динамиката на процесот на преговори и избегнување ново вето, овој пат од наш политички фактор, повторно чекање и ставање на државата во ќорсокак и неизвесност, порача Маричиќ.

Очекува сите да се на ниво на својата задача, а најмногу институциите и Собранието да преземат одговорност и да покажат проактивност за брзо и темелно спроведување на европската реформска агенда.

Според претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски, дополнителните услови што и се поставуваат на земјава од типот на промена на името, условувања од Бугарија и.т.н. се процес којшто не прекинува.

– Постои чувство дека тоа е еден процес којшто никогаш не прекинува. Ќе употребам една паралела и ако не е целосно соодветна – Шведска се обидува да стане членка на НАТО и има условување од страна на една друга земја членка на НАТО алијансата, а тоа е во случајот Турција. Мислам дека премиерот на Шведска имаше една многу корисна изјава деновиве кога кажа дека има работи што можат да ги направат, но има и работи коишто не можат да ги направат затоа што се спротивни на нивните вредности, рече Николоски.

 

Во таа насока, додаде тој, мислам дека треба да биде испочитувано и мислењето на мнозинство пред се од македонскиот народ затоа што прашањата кои што се поврзани со Бугарија го задираат директно делот на самоопределување на македонскиот народ каде што точно има работи кои што народот едноставно мисли дека не треба да бидат прифатени.

 

Еден од главните предизвици што ја очекува Северна Македонија годинава е процесот на евроинтеграција што, покрај скринингот, реформите, справувањето со корупцијата, носењето на законите и енергетската криза, ќе значи и измена на Уставот и Преамбулата на Уставот. Не се знае кога Владата ќе донесе одлука за почеток на постапката за менување на Уставот, но за да се стаса до завршувањето на скринингот во ноември потребно е тој да почне на почетокот на годинава. Дали ќе има поддршка за уставни измени, кои што произлегоа од францускиот предлог предизвикан од преговорите со Бугарија, зависи најмногу од обезбедување двотретинско мнозинство (80 гласови) во Парламентот. Засега тоа е неизвесно, иако од владејачките партии тврдат дека работат на негово постигнување.

Back to top button
Close