Фокус: Штекли е маркирана жртва, ќе има и нов напад до негова ликвидација, анализира Ѓурчески
Раде Трајковски Штекли кој заедно со негов помлад соработник во вторникот беа тешко ранети во пукање што се случи среде бел ден во трговскиот центар „Ист гејт“ е маркирана и осудена жртва од шефовите на криминалните кланови, анализира за „Фокус“ поранешниот помошник директор за криминалистички работи во БЈБ при МВР, Љубомир Ѓурчески.
Тој е убеден дека ако се извлече и сега ќе има нов напад врз него до целосна ликвидација.
Факт е дека Штекли е маркирана и осудена жртва од шефовите на криминалните кланови. Кои се причините за неговата осуда може да ги анализираме односно да ги набројуваме, Штекли се поврзуваше со убиството на Јанушев кое се случи во Аеродром пред неколку години, второ можеби е тој прогласен дека соработувал со безбедносните служби или пак наместил да падне некоја количина на дрога, или некој од повисоко позиционираните луѓе во нарко бандите, некој неплатен долг или друга поголема загуба за бандата. Тој и ако сега преживее јас сум убеден дека ќе има и нов напад врз него до целосна ликвидација освен ако не дозволат откуп што е малку веројатно, вели Ѓурчески за „Фокус“.
Според него, со оглед на дрскоста која ја манифестираше пукачот слободно да се шета без да се крие, остава простор за сомнеж дека неговиот лик е сокриен или можеби е сигурен во институционалната заштита и блискоста на криминалните групи со политичките лидер.
–Кога станува збор за пресметките во организираните криминални кругови, а особено кога постојат индиции дека станува збор за нарачано убиство тогаш извршителите применуваат разноразни средства за нивно прикривање. Но, факт е дека извршителите односно најмените ликвидатори во основа се дрски, насилни и не респектираат никакви законски прописи кои владеат во некоја држава.
Исто така не бираат место каде ќе го остварат делото во смисла на фреквренција на луѓе и можноста од недолжни жртви. За нив е битно да се оствари зададената цел. Таков е и односот на овој сторител. Во врска со тоа дали на лицето имал некаква силиконска маска или друга форма за сокривање има разноразни шпекулациии, но во истрагата и тој сегмент мора добро да се истражи. Сега провејуваат сознанија дека идентитетот на извршителот е утврден што се уште не е потврдено од полицијата и јавното обвинителство, објаснува Ѓурчески.