Фон дер Лајен: Ќе има сериозни последици за Белорусија

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, пред почетокот на ЕУ самитот во Брисел порача дека присилното слетување на авионот во Минск нема да помине неказнето од страна на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Ќе има силен одговор, режимот на Лукашенко ќе мора да разбере дека ќе има сериозни последици, ќе разговараме за разните можности за санкции, санкции за инволвирани поединци, но и за бизниси и економски ентитети кои го финансираат овој режим како и за авионскиот сектор во Белорусија, изјави шефицата на Европската Комисија.

Таа побара под итно да биде ослободен опозиционерот Роман Пратасевич поради кој беше приземјен авионот на Рајанер и кој беше веднаш приведен.

-Имаме и економски и инвестициски пакет од три милијарди за Белорусија но тој е замрзнат сè додека Белорусија не стане демократска, порача фон дер Лајен.

Земјите членки оваа вечер ќе ја посветат на Белорусија и ќе ги разгледуваат опциите за санкции, со надеж дека ќе успеат да постигнат консензус.

Back to top button
Close