Фон дер Лајен: Финализирањето на договорот во Шарм ел Шеик ќе претставува историска пресвртница
Европа целосно го поддржува мировниот план договорен од САД, Катар, Египет и Турција, а денешното финализирањето на договорот во Шарм ел Шеик со кој се става крај на војната ќе претставува историска пресвртница, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во пресрет на потпишување на договорот за прекин на војната во Газа.
– Подготвени сме да придонесеме за негов успех со сите алатки што ни се на располагање, а особено со обезбедување поддршка за управувањето и за реформата на Палестинската автономна управа. Ќе бидеме активна сила во рамките на Палестинската донаторска група и ќе обезбедиме средства од ЕУ за обнова на Газа, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс.
Според неа, дополнително, ослободувањето на израелските заложници од страна на Хамас претставува момент на голема радост за нивните семејства и на олеснување за целиот свет.
– Тоа значи дека може да се сврти нова страница. Може да започне ново поглавје, додаде Фон дер Лајен.
Во египетското одморалиште Шарм ел Шеик попладнево ќе се одржи Мировен самит за Газа и иднината на регионот на Блискиот Исток, со кој ќе претседаваат претседателите на Египет и на САД, Абдел Фатах ел-Сиси и Доналд Трамп. На Самитот на кој е најавено присуство на над 20 светски лидери ќе биде потпишан и договорот за ставање крај на војната во Газа од страна на Трамп и претставници на останатите посредници.