Фон дер Лајен: Не смееме да паднеме во стапицата на Путин за поделби во ЕУ

 

– Живееме во период на максимална неизвесност и експлозивна нестабилност и во овој хаотичен и заканувачки пејзаж потребно ни е единство за да испорачаме за Европејците, да ја зајакнеме безбедноста, да ја заштитиме нашата демократија, да ја поддржиме индустрија и да го зацврстиме нашиот општествен модел, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

– Светот е во најнесигурна и најопасна состојба во последниве децении, а Европа е во состојба на висока готовност. Поентата што сакам да истакнам е дека треба да се фокусираме на она што навистина е важно. А тоа е да испорачаме за Европејците, изјави Фон дер Лајен за време на дебатата во Европскиот парламент во Стразбур по двете иницијативи за изгласување недоверба на нејзината Европска комисија, поднесени од групите Патриоти за Европа (ПФЕ) и Левица.

Според неа, противниците на ЕУ се трудат да поттикнат поделби и да ги искористат тие поделби против самата Унија.

Таа посочи дека токму затоа треба внимателно да се слушне она што минатата недела го изјави рускиот претседател Владимир Путин  во Сочи, префрлајќи ја вината за војната во Украина на Европа.

– Тој се пофали со она што го нарече „пукнатини на градбата на Европа“ и „разрушено единство“ во рамките на нашата Унија. Тој не го крие својот презир кон нашата Унија и темелите врз кои е таа изградена. И не ја крие својата радост и поддршка за сите свои послушни пријатели во Европа кои ја работат неговата работа за него. Тоа е најстариот трик – сеење поделби, ширење дезинформации, правење жртвено јагне. Сето тоа, за да ги сврти Европејците едни против други. Да го спуштиме нашиот гард додека се бориме едни против други. Да ја ослабнеме нашата решителност и нашата отпорност. Тоа е стапица и едноставно не можеме да паднеме на неа, нагласи Фон дер Лајен.

Таа истакна дека ЕУ треба да испрати порака на единство, без разлика дали станува збор за одбранбената подготвеност, за изградба на демократскиот штит, за зајакнување на конкурентноста или за создавање квалитетни работни места за сите.

– Знам дека има некои од вас кои се уште не се сигурни како да гласаат (по иницијативите) подоцна оваа недела, но кои исто така се загрижени и за некои од прашањата што овие предлози ги споменуваат попатно. Без разлика дали станува збор за Газа или Украина, трговијата или САД, знам дека тие доаѓаат од место на вистинска и легитимна загриженост, исто како и другите теми во врска со нашата економска безбедност, трошоците за живот, бирократијата, безбедноста на храната, климатските промени и како да ги заштитиме нашите демократии и општества, рече Фон дер Лајен.

Таа порача дека тука во Европскиот парламент сака да го обнови своето ветување дадено при изборот на актуелната Комисија дека сите нејзини челнови заедно ќе се обидат да ги пронајдат одговорите на сите овие прашања.

– Верувам дека ова е заедничка одговорност што ја имаме сите во овој опасен момент од нашата историја. И знам дека овој Дом е подготвен да ги преземе своите одговорности да испорача за Европејците кога е најважно. И можете да сметате на мене и на оваа Комисија да ја споделиме таа одговорност со вас. Пораката што ја испраќаме сега ќе одекне низ Европа и пошироко и верувам дека таа порака мора да биде порака за единство дека Европа стои заедно и дека заедно испорачува, додаде Фон дер Лајен во обраќањето

Back to top button
Close