Фон дер Лајен разговара во Берлин за уште еден мандат како претседателка на ЕК
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска е во Берлин на средби со раководството на нејзиното политичко семејство, централно-десничарската партија ЦДУ во Германија. Тоа доаѓа кога фокусот се префрла на амбициите на Фон дер Лајен – во услови на шпекулации во Брисел за тоа дали таа ќе се кандидира за втор мандат на чело на извршната власт на ЕУ.
Фон дер Лајен ќе се сретне со лидерот на ЦДУ Фридрих Мерц, како и со други членови на партискиот президиум и федерален одбор, како што се генералниот секретар Марио Чаја и лидерот на групата ЦДУ во Европскиот парламент, Даниел Каспари.
Нема никакви јавни изјави за Фон дер Лајен да се кандидира за Spitzenkandidat (главниот кандидат за функцијата претседател на Комисијата) – нејзината партија нема да издаде јавна поддршка пред таа да ја покаже својата намера да се кандидира.
Манфред Вебер, кој не е од ЦДУ, туку од нејзината сестринска партија, баварската ЦСУ, се обиде да внесе некаква конкуренција претходно оваа година, кога рече дека сака да го ублажи процесот на селекција помеѓу две „многу убедливи личности“ – претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, и Фон дер Лајен – кои „обете би биле одлични Spitzenkandidatinnen“. Но, неговите обиди да ја заобиколи Фон дер лајен отидоа предалеку за делови од Европската народна партија, која на внатрешните состаноци го критикуваше сопствениот претседател Вебер за навидум поткопување на најдобриот кандидат на ЕПП за добивање на главната функција во ЕУ.
Фон дер Лајен нема потреба јавно да се позиционира до крајот на оваа година. Регионалниот огранок на ЦДУ во Нидерзаксен – каде што се очекува Лајен да се кандидира за место во Европскиот парламент доколку сака втор мандат како шефица на Комисијата – ќе гласа на својата листа за изборите за ЕУ дури кон крајот на годината. (Фон дер Лајен ќе треба да освои место на европските парламентарни избори во 2024 година, ако сака поддршка од Германија како кандидат за Spitzenkandidat.)
Мерц претходно јасно стави до знаење дека ЦДУ нема да каже не ако добие шанса да има еден од нивните водечки лица во Брисел за втор мандат. „Таа добро ја врши својата работа“, изјави Мерц за Ројтерс претходно овој месец. „Ако имаме шанса да ѝ дозволиме на Урсула фон дер Лајен уште еден мандат како претседател на Комисијата на ЕУ кој доаѓа од Германија – да, се разбира, тогаш ние сме за тоа“.