Фон дер Лајен утре ќе објави план за „ревооружување на Европа“
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави дека утре ќе објави план за повторно вооружување на Европа.
– Утре преку писмо ќе ги информирам земјите членки (на ЕУ) за план за повторно вооружување на Европа. Потребен ни е масовен поттик на одбраната, нагласи Фон дер Лајен во одговор на новинарско прашање за идните одбранбени планови ЕУ, при денешната презентација на Стратешкиот дијалог за европската автомобилска индустрија.
Фон дер Лајен нагласи дека несомнено сите сакаме траен мир во Европа, но дека таков мир може да се постигне само преку зајакнување.
– Треба да почнеме прво со зајакнување на самите себе. Тоа е и целта на планот што ќе им го претставам утре на земјите членки, додаде Фон дер Лајен.
Таа најави дека промовирањето на планот доаѓа во пресрет на специјалниот Самит на ЕУ посветен на Украина и на одбраната и безбедноста на Европа, закажан за в четврток, на чија подготовка, како што рече, интензивно работат со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Претходно, на редовната прес-конференција во Европската комисија, главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо порача дека писмото што ќе го испрати Фон дер Лајен до земјите членки и до Европскиот совет, ќе ги содржи главните елементи што ќе се најдат како тема за расправа на претстојниот Самит посветен на одбраната.
– На ова писмо треба да се гледа како на дел од процесот на дискусија. Писмото ги наведува главните агли кои Комисијата или во овој случај претседателката, ги предлагаат за дискусија на Европскиот совет и кои се елементите што треба да се опфатат. Така што тоа, навистина, е дел од процесот и со тоа им се дава можност на лидери на сите земји членки да ги изнесат своите гледишта за она што се предлага во писмото, рече Пињо.
На прашање зошто дури сега се објавува план за зајакнување на одбраната, кога за тоа се говори уште од јуни минатата година, Пињо истакна дека во изминативе месеци се изнесени повеќе предлози поврзани со одбранбените прашања, но дека сега по формирањето на новата Европска комисија, уште на стартот на нејзиниот мандат се предлагаат конкретни и поспецифични мерки.
– Тој (предлог) ќе биде ставен на маса сега, како одговор на барањата на Европскиот совет од минатата година, но земајќи го предвид и актуелниот развој на настаните, изјави Пињо.
Таа додаде дека за повеќето прашање од сферата на одбраната надлежност имаат земјите членки, а не Европската комисија, но дека за некои теми, како што се зголемувањето на трошоците за одбраната и подобрување на ефикасноста на одбранбената потрошувачка на европско ниво, има место за предлози и од страна на ЕУ.
Во однос најавеното објавување на „Белата книга за одбраната“ од страна на ЕК, предвидено за средината март, Пињо истакна дека засега останува документот да биде објавен како што е планирано, додавајќи дека сепак дискусиите во следните денови и од претстојниот Самит на ЕУ, би можеле да влијаат на измена на делови од неговата содржина.