(Видео) Фон дер Лајен за Македонија: Проширувањето е и ќе остане процес базиран на заслуги

Проширувањето е и ќе остане процес базиран на заслуги. Секој кандидат ќе биде оценет според сопствените заслуги. Постојат јасни барања и подобрувања што треба да се постигнат. Проширувањето бара време, но е од суштинско значење Европејците да работат напорно за успешен процес на проширување.

Ова го изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, како одговор на новинарско прашање дали му кажала на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека Македонија нема да добие „План Б“ за европска интеграција.

Дополнително новинарот ја праша и дали на премиерот на С Македонија, Христијан Мицкоски му кажала оти нема да добие план Б за европска интеграција на земјата, на што Фон дер Лајен не даде конкретен одговор.

На почетокот на одговорот рече дека проширувањето на Унијата останува приоритет со цел да се гарантира безбедноста на континентот.

„Проширувањето е во интерес на Европската Унија. Поголема, поконкурентна и побезбедна ЕУ значи Европа со посилен глас во светот. Второ, како што рековте, мешањето на другите сили, особено Русија во Западен Бакан, но и во Молдавија, бара од нас да застанеме зад нашите пријатели и партнери, да ги поддржиме и зајакнеме, да се бориме против овие хибридни напади и мешањето што го трпат. Мора да им дадеме можност слободно да изберат, дали сакаат да бидат дел од ЕУ или не“,

вели таа.Според неа, проширувањето е и ќе остане процес базиран на заслуги, како и дека е јасно што треба да се направи и подобрувањата што треба да се постигнат.

„Секој кандидат ќе биде оценет според неговите услови. Ова гради доверба на двете страни. Проширувањето бара време. Клучно за Европа, за регионалната стабилност и безбедност е да работиме напорно за успешно проширување“,рече претседателката на ЕК на крајот од одговорот.

Фон дер Лајен денеска е во еднодневна посета на Бугарија, како дел од нејзината турнеја низ седум земји што се наоѓаат во непосредна близина на војната во Украина.

Бугарскиот премиер Росен Жељазков и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес го посетија најголемото државно воено претпријатие во земјата – „Вазовски машиностроителни заводи“ ЕАД во Сопот.

Back to top button
Close