Фондацијата Реган побара од кампањата на Трамп да не го користи името и ликот на поранешниот претседател на САД

Фондацијата и институт „Роналд Реган“ побара синоќа од кампањата на претседателот Доналд Трамп и од Републикански национален комитет (РНЦ), да престанат да го употребуваат името и сликата на поранешниот претседател за собирање спонзорства.

Републиканците го сметаат Реган за еден од најзначајните поранешни конзервативни претседатели.

Барањето дојде откако комитетот составен од членови на РНЦ и на кампањата „Трамп ја направи Америка повторно голема“ испрати електронски пораки до поддржувачите за комеморативни монети, една со ликот на Реган, друга со ликот на Трамп, ако донираат најмалку 45 американски долари, јави Вашингтон пост.

Комплетот, исто така, содржи и слика која прикажува ракување на Реган и Трамп во Белата куќа во 1987 година.

Фондацијата Реган има ексклузиво право на името и ликот на Реган и има „сила да блокира нивна употреба во комерцијални политички цели, дури и ако некои од нив се во јавниот домен“, укажаа оттаму.

Според весникот, фондацијата се обидува да дознае колку монети досега биле продадени и можно е да преземе правна постапка против кампањата на Трамп.

Од РНЦ укажуваат, “со оглед на тоа дека фондацијата Реган неодамна беше домаќин на семејството Трамп за собирање спонзорства за организацијата и не беше против кога претходно го користевме ликот на Реган, ова барање за нас претставува изненадување“.

Претседателот Трамп се уште не го коментирал барањето на фондацијата.

Back to top button
Close