ФООМ: Во процес сме на целосна трансформација
Почнувајќи од 2021 година, Фондациите Отворено општество се во процес на сеопфатна трансформација со цел поголем регионален фокус и зајакнување на своето влијание. Оваа глобална трансформација опфаќа повеќе од 20 национални фондации во светот
Фондациите Отворено општество остануваат силно посветени на Северна Македонија и Западен Балкан. Од 1992 година, Фондацијата Отворено општество – Македонија има доделено над 130 милиони долари за поддршка на социјалната и економската стабилност и демократскиот развој на Северна Македонија. Кога националната фондација започна да работи, Грција и Србија ги имаа блокирано границите на Македонија, а прашање беше и тоа дали земјата ќе ја зачува својата независност.
Фондацијата тогаш одговори на овие предизвици со обезбедување витална поддршка, вклучително набавка на основни лекови, масло за греење на училиштата и извозна помош за земјоделците. Оттогаш, фондацијата помага во подготовките Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија, за развојот на силно граѓанско општество, унапредување на владеењето на правото и доброто управување, зајакнување на Ромите и на другите маргинализирани заедници, како и на поддршка на реформите во здравството и образованието.