Фото) Фудбалерот на македонскиот клуб Рокдејл Илинден е една од жртвите во нападот на плажата Бонди во Сиднеј
Францускиот фудбалер Ден Елкајам, член на македонскиот клуб Рокдејл Илинден – Австралија, е идентификуван како една од жртвите во вчерашниот вооружен напад на плажата Бонди во Сиднеј. Тој беше меѓу 16-те луѓе кои го загубија животот во масакрот што властите го квалификуваат како терористички напад.

Австралиските служби соопштија дека нападот го извршиле татко и син; едниот напаѓач бил убиен, а другиот е приведен. Покрај загинатите, 42 лица се хоспитализирани. Настанот се случил за време на еврејски фестивал што се одржувал на плажата.
Смртта на Елкајам ја потврди потпретседателот на Рокдејл Илинден, Лу Тасевски.
„Јас сум скршен од болка, мојот син игра во Рокдејл Илинден и двајцата беа одлични пријатели. Ова е трагична загуба и ние сè уште се обидуваме да се справиме со неа“, изјави тој за локалните медиуми.
Елкајам, 27-годишен француски државјанин, во клубот настапувал последните 12 месеци и бил високо ценет од соиграчите, тренерите и управата. Живеел во Австралија неколку години и работел како ИТ-аналитичар во NBC Universal. Освен по фудбалскиот талент, бил препознатлив и по љубовта кон плажите во Сиднеј и патувањата низ Австралија.






