(ФОТО) Испратена донација од ранци, прибор и печки на дрва за учениците Македонци во Албанија

Ученички ранци, училишен прибор за повеќе од 130 ученици и печки на дрва е дел од помошта што утрово беше упатена за Македонците во Албанија, соопшти Министерството за надворешни работи.

Како што информираат оттаму, станува збор за донација на Министерството за образование и наука (МОН) за потребите на училиштата каде настава посетуваат припадници на Македонското малцинство во Албанија.

Донацијата, како што се наведува, следи по посетата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи на Пустец и Голо Брдо кон крајот на август, минатата година и согласно заклучоците на Владата кои произлегоа од посетата.

„Посебно сум задоволен што денес успеавме да реализираме прв дел од помошта за Македонците од Албанија, за која лично се заложив при мојата посета на Требиште и Пустец, каде имав средба со Македонските здруженија од Албанија” изјави Османи и додаде дека согласно барањата на жителите на Требиште, обезбеден е и булдожер за чистење на снег, кој ќе биде доставен за кратко време.

Шефот на дипломатијата нагласи дека С Македонија ќе продолжи со обезбедување на поддршка за припадниците на Македонското национално малцинство во Албанија, како преку конкретна помош како денешната опрема за училиштата, така и преку поширока институционална поддршка за заштита и промоција на нивните јазични и културни особености во Албанија.

Back to top button
Close