(ФОТО) Коњ врзан во стан во Дебар Маало синоќа бил спасен и пренесен во Зоолошката градина

Коњ бил врзан во стан во напуштена зграда во скопската населба Дебар Маало, па надлежните служби синоќа организирале спасувачка акција која завршила со среќен крај, информираа од Зоолошката градина во Скопје.

Коњот бил забележан на терасата од станот од жители и случајни минувачи кои пријавиле во МВР, по што МВР, вработени во ЗОО и инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство излегле на терен, успеале да го спасат и да го згрижат.

„Вчера на неколку портали беше објавено дека во Дебар Маало има коњ на тераса од стан во напуштена зграда, а полицијата добила и неколку пријави од граѓани. Колегите од Скопје ЗОО, заедно со директорот Кристијан Стаменов, МВР и инспектор на АХВ излегоа на терен и ја започнаа спасувачката мисија на коњчето кое за жал било врзано во руинираниот објект и оставено без храна и вода. Доцна вечерта коњот беше пренесен во Скопје ЗОО каде што ќе му обезбедиме ветеринарна грижа и најдобра нега – велат од Скопје ЗОО.

Од ЗОО апелираат да не се измачуваат овие животни и бараат што поскоро да се направи план на централно ниво за што поголема благосостојба на коњите.

 

 

Back to top button
Close