(ФОТО) Митрески ги собра на иста маса Ковачевски, Заев, Шекеринска и Бучковски во пресрет на четиригодишнината од членството во НАТО

Во пресрет на 27 март – денот кога С Македонија одбележува четири години од зачленувањето во НАТО Алијансата – собранискиот спикер Јован Митрески денска организирал средба во просториите на Клубот на пратениците на која, меѓу другите, присуствувале тројца експремиери од редовите на СДСМ.

Според фотографијата објавена на фејсбук-профилот на Митрески, тој седи во друштво на експремиерот Димитар Ковачевски, неговиот претходник Зоран Заев и Владо Бучковски кој беше на премиерската позиција од 2004 до 2006 година. До нив седи и ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Присутна на средбата била и поранешната министерка за одбрана во владата на Зоран Заев, Радмила Шекеринска, за време на чие министерување земјава стана дел од воената алијанса.

„Со тројцата поранешни премиери и поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, која го развиори нашето знаме во седиштето на НАТО, но и со поранешни пратеници, амбасадори, носители на високи државни функции, разговаравме за придонесот што секој од нас поединечно го дал во овој процес и за патот што го изодевме за да имаме денеска безбедна држава, особено во услови воената агресија недалеку од нас. Заедно и решително продолжуваме кон остварување на визијата за европска и просперитетна иднина“,

Од Кабинетот на Митрески посочуваат дека ова е еден од состаноците што претседателот на Собранието ги организира за одбележување на годишнината од членството во НАТО.

Во контекст на денешната средба во Клубот на пратениците на Фејсбук се огласи и лидерот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски. Ковачевски изрази задоволство што имал можност со дел од поранешните премиери, министерката за одбрана и експратеници, амбасадори и високи државни функционери да разговара за придонесот што секој еден од нив го имал за зачленувањето на земјава во НАТО.

„Со храбрите и решителните одлуки на СДСМ, Северна Македонија е веќе четири години горда членка на најмоќниот воен сојуз – НАТО. Денес, нашата држава е фактор за стабилност во регионот и пошироко. Безбедносната стабилност носи економски просперитет, а странските инвеститори ја препознаваат Северна Македонија како сигурно место за вложувања. Тоа значи подобри работни места за нашите граѓани, повисоки плати и раст на животниот стандард“,пишува, меѓу другото, во фејсбук-објавата на Ковачевски

Back to top button
Close