(ФОТО) Николоски: Челични конструкции колку 11-катници се спуштаат во земјата за да се стабилизира земјиштето и да се изгради најтешкиот дел од автопатот Охрид – Кичево
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, изврши увид во работите на стабилизација на косините на трасата кај Ботун, во изјава за медиумите зборуваше за градежните активности на најсложениот дел од автопатот кај Ботун, како и за техничкото решение со кое се стабилизира нестабилното земјиште. Тој посочи дека специфичните услови на теренот досега претставувале сериозен предизвик за изградбата, но со ангажирање домашни и странски експерти е пронајдено решение. Николоски објасни дека проблемот произлегува од природните карактеристики на земјиштето, што ја отежнува стабилизацијата на теренот – соопшти Министерството за транспорт и врски.
– Има работи што можеме да ги направиме и работи што не можеме да ги смениме. Она што не можеме да го смениме е земјата. Околу вас можете да видите дека се работи за црна графитна земја, која е најнестабилна земја што воопшто може да се најде. Таква е планината. Тука дополнително има многу вода, што може да се види по вегетацијата околу нас и кога водата ќе се спои со графитот, тогаш настанува една каша и нема никаква стабилизација. Тоа е причината зошто овој дел околу селото Ботун до сега беше невозможно – рече Николоски.

Тој истакна дека условите во тој дел се главната причина поради која тој дел од автопатот е сложен и бара поинаков пристап, а рече и дека во процесот да се најде решение за тоа биле вклучени домашни професори и експерти, научници и компанијата „Синохидро“.
– Ги собравме најголемите умови што ги има Македонија, ги собравме најдобрите професори што ги има Македонија и најискусните луѓе, во соработка со светски научници, со луѓе што ова го правеле на други места во светот и секако во соработка со „Синохидро“ и со нивни научници и решението го имаме зад нас. Имено, стабилизацијата ќе оди со една специјална техника, која, кога ќе се изгради автопатот, за жал, никој веќе нема да може да ја види и затоа сакавме денеска да ја презентираме – истакна Николоски.

Зад нас, продолжи тој, можеме да видиме машини, секоја тежи по 130 тона, такви во моментот има три, ќе се додадат уште две-пет машини, кои специјално се донесоа за оваа работа, се донесоа надвор од државата.
– Секоја од овие машини влегува во земјата во должина од 20 до 28 метри. Тоа е помеѓу 7 и 11 ката зграда. Се влегува во земјата од 7 до 11 ката надолу, се спуштаат арматурни кафези, секој арматурен кафез тежи по 30 тони железо и истите после тоа се поливаат со бетон. Помеѓу нив има цевки и има челични јажиња, кои што ги држат едните со другите и практично ние под земјата создаваме една целосна структура која што треба да ја држи основата на автопатот. Вакви решенија ќе се направат вкупно 250 на автопатот Охрид-Кичево коишто 163-те се кај Ботун, останатите се на останатиот дел од автопатот, вклучувајќи и кај Кнежино, кај Кичево и на овој начин се решава најтешкиот дел од автопатот – изјави Николоски.

Министерот вели дека ова решение е новина во целиот регион и поради тоа е и предмет на интерес кај стручната јавност.
-Ова е убедливо инженерски најтешкиот дел и ова е делот кој што претставува новина не само Македонија, токму во целиот регион, нешто за што ќе се предава на факултетите и несклучено најголемиот светски симпозиум на научници во делот на градежништвото од вчера почна во Скопје, денеска се предава токму за ова што е позади нас – додаде Николоски. ац/вј/
Фото: Министерство за транспорт




























