(Фото) “Очајно ве молам за помош“ смс порака од Росица до Тошковски пет месеци пред убиството!?
„Се надевам дека пишувам на правилно место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безизлезна ситуација… Човекот кој од декември па наваму ме демне, ме тепа и нанесува друг вид на насиство, силува, прогонува и последно пред 5 дена ми ја запали колата е сеуште на слобода!“, пишува во пораката која е објавена на социјалните мрежи, а е наводно напишана од убиената Росица К. која се обратила лично кај министерот Панче Тошковски пред речиси 5 месеци.
Најшокантниот дел од пораката содржи тврдење за директен пропуст на институциите:
„Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин“.
Во текстот се наведени и броеви на предмети во ОЈО Скопје и Основниот суд Велес, со име на јавен обвинител, што се поклопува со веќе објавените информации за историјата на насилство што го трпела жртвата. Пораката завршува со зборовите: „Очајно ве молам за помош“.
Либертас од кабинетот на министерот Тошковски побара негов став,потврда или демант дека таква смс порака била испратена на неговиот телефон од убиената Росица К. од Велес.