ФОТО: Од Токио до Њујорк, масовни протести против руската инвазија

Протест во Лондон/ Фото EPA-EFE/NEIL HALL

Демонстрантите излегоа на јавните плоштади и пред руските амбасади во градовите од Токио до Тел Авив и Њујорк за да ја осудат руската инвазија на Украина. Оние пак кои се обидоа да протестираат низ улиците на Русија, беа уапсени.

 

 

 

 

 

Најраниот протест се случи пред руската амбасада во Вашингтон околу 1 часот по полноќ, неколку часа откако Путин ја соопшти инвазијата.

Вашингтон протест/ Фото EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Десетици демонстранти во главниот град на САД вееја украински знамиња и извикуваа „Стоп за руската агресија!“

Во Лондон, стотици демонстранти, од кои многу Украинци, а некои плачеа, се собраа пред Даунинг стрит, домот на премиерот, барајќи од Британија да стори повеќе.

Лондон протест/ Фото EPA-EFE/NEIL HALL

„Ни треба помош, ни треба некој да не поддржи“, велеа тие. „Украина е премала и притисокот е преголем“.

Во Париз, еден демонстрант изјави за Ројтерс: „Чувствувам дека сме во многу опасен момент за целиот свет“.

Париз протест/ Фото EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Во Мадрид, шпанскиот актер, оскаровецот Хавиер Бардем, номиниран за уште една награда за Оскар оваа година, им се придружи на околу стотина демонстранти пред руската амбасада.

 

„Тоа е инвазија. Тоа го крши основното право на Украина на територијален суверенитет, меѓународното право и многу други работи“, рече Бардем.

Мадрид протест/ Фото EPA-EFE/Rodrigo Jimenez

Џиновско знаме беше пренесено низ Тајмс Сквер на Менхетен од толпа од неколку стотици демонстранти.

Њујорк протест/ Фото EPA-EFE/JUSTIN LANE

Во швајцарскиот главен град Берн, стотици луѓе се собраа, држејќи украински знамиња и извикувајќи „Мир за Украина!“.

Берн протест/ Фото EPA-EFE/MARCEL BIERI

Протести и низ Азија

Други демонстрации се одржаа во Бејрут, Тел Авив, Даблин и Прага.

Исто така во Даблин, со црвена боја беше обезличен рускиот грб со двоен орел покрај портата на руската амбасада.

Повеќе протести беа закажани за подоцна во текот на денот во американските градови Хјустон и Денвер, според објавите на социјалните мрежи.

Во самата Русија, демонстрантите му пркосеа на официјалното предупредување кое експлицитно се закануваше со кривично гонење, па дури и со затворска казна за оние кои повикуваат или учествуваат на протести.

Стотици се собраа во градовите меѓу кои Москва, Санкт Петербург и Екатеринбург, извикувајќи слогани како „Не на војната!“ и држејќи импровизирани знаци.

Back to top button
Close