ФОТО: Оддадена почит пред споменикот на загинатиот припадник на безбедносните сили Бобан Ивановиќ – јавноста револтирана поради газењето на знамето
Додека оддаваа почит пред споменикот на загинатиот припадник на безбедносните сили Бобан Ивановиќ, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, и делегацијата која ја предводеше, стапнаа врз нацртаното државно знаме на Република Македонија, поставено на подот пред бистата.
Фотографијата од настанот предизвика реакции на социјалните мрежи и меѓу граѓаните, со забелешки дека ова претставува непочитување на државниот симбол.
Според Законот за употреба на грбот, знамето и химната, знамето мора да се користи на достоинствен начин и не смее да се поставува на места каде што може да биде осквернавено – вклучително и на под или на начин што дозволува да се гази по него.
Иако намерата била одбележување и изразување почит, дури и кога симболот е сликовито претставен, останува важечки државен знак со соодветна заштита. Вакви примери, велат, треба да бидат сигнал за поголема внимателност при организирање јавни настани и користење државна симболика.
Од Општина Гази Баба засега нема официјална изјава за спорната ситуација