(ФОТО) Повредени демонстранти и полицајци – нов бран протести во повеќе градови во Србија
Во неколку градови во Србија синоќа се судрија полицијата и антивладините демонстранти што протестираат со студентите во блокада. Тие сардисаа повеќе локални штабови на владејачката Српска напредна партија (СНС). Ова беше одговор на насилството на партиските поддржувачи врз граѓаните што учествуваа на претходните демонстрации пред канцелариите на СНС во Врбас и Бачка Паланка во Војводина.
Слична слика беше забележлива пред повеќе штабови на СНС – кога демонстрантите ќе ги опколеа, партиски приврзаници кон нив испукуваа пиротехнички средства и петарди, а фрлаа и шишиња и камења.
Инцидентите се случија во Белград, Нови Сад, Ниш и неколку други српски градови. Како што информираа српските медиуми, уапсени се повеќе лица, но според извештаите на новинарите што ги следеа протестите, тешко може да се процени колкумина.

Има повредени граѓани при протестите во Нови Сад каде околу 21 часот дојде до судир меѓу две групи – граѓаните што протестираат со Студентите во блокада од една и поддржувачите на СНС од друга страна.
Демонстрантите беа потиснувани со полициски кордони чии припадници испукуваа солзавец. Повредени се повеќе демонстранти и полицајци. Демонстрантите тврдат дека меѓу нив имало провокатори кои се обидувале со агресија да предизвикаат полициска интервенција.

Обвинителството ѝ наложи на полицијата да ги идентификува и гони учесниците во немирите кои ја нападнаа полицијата.
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека за време на протестите се повредени многу граѓани и најмалку шест полицајци.

Српскиот претседател Александар Вучиќ имаше вонредно обраќање непосредно пред полноќ во кое ги обвини демонстрантите за насилство, но сепак рече дека државата нема намера да ја ангажира војската и дека нема да има граѓанска војна.
Според Вучиќ, повеќе од 60 граѓани биле повредени во синоќешните инциденти во Нови Сад. Тој додаде и дека 16 полицајци биле повредени, вклучувајќи двајца со сериозни повреди на вилицата и градите