(ФОТО) Пожарот кај Скопска Црна Гора ја загрозува безбедноста на кучињата од шелтерот „Шепасти ентузијасти“ – се бара итна помош
Шелтерот за напуштени кучиња „Шепасти ентузијасти“, кој се наоѓа во близина на Скопска Црна Гора, се соочува со сериозна опасност поради пожарот што дивее во овој регион веќе два дена. Активистите алармираат дека животите на десетици животни се загрозени и повикуваат на итна поддршка од јавноста.
„Цела ноќ сме на терен, без сон, во обид да спречиме најлошото. Мокриме, наводнуваме, набавуваме средства за гаснење, но тоа не е доволно“, објавија од засолништето на нивниот официјален профил.
Со цел да спречат ширење на огнот, активистите веќе ангажирале багер кој треба да ископа заштитен појас околу објектот, со препорачана ширина од три метри. „Не прашавме ни колку ќе чини – само да стигнеме навреме да се заштитиме“, наведуваат тие.
Планираат да набават и противпожарни апарати, свесни дека тие можеби нема да бидат доволни, но веруваат дека можат да спасат животи доколку ситуацијата ескалира.
„Нашите шепасти се сè што имаме – и нема да ги оставиме. Но ни треба вашата помош“, порачуваат од тимот на Шепасти ентузијасти.
Апелот е упатен до сите граѓани, компании и институции кои се во можност да донираат, со пораката дека секој денар е важен