(ФОТО) Прилепските мечкари ги наполнија улиците на Прилеп

Околу 500 учесници денеска дефилираа на прилепскиот карневал „Прочка 2024“. На булеварот во центарот на Прилеп карневалското дефиле го предводеа прилепските мечкари, заштитна маска на Карневалот и прогласена за нематеријално културно богатство од министерството за култура. На дефилето имаше маски од Прилеп и од повеќе градови од земјава. Можеа да се сретна групни маски на аватари, пирати, ткајачи, а гостуваа познатите Бамбурци од селото Ратово.

„Нашата маска е вековна. Млади момчиња рано наутро се собираме во селото и одиме во куќите за да го избркаме лошиот дух“,рекоа маскираните Бамбурци од Ратево.

Фото: Општина Прилеп

Прилепските мечкари велат се одржува и продолжува вековната традиција.

„Годинава сме околу 50 маскирани и многу ни е мило што имаме десеттина млади кои ја продолжуваат традицијата“,рекоа прилепските мечкари.

Фото: Општина Прилеп

Прилеп е членка на меѓународната федерација на карневалски градови и со гордост ја одржува вековната традиција во маскирањето.

„Прилеп е горд на карневалот кој се одржува по 22. пат. Има одлични маски, расположението е прекрасно, карневалско. Иако годинава немаме гости од други земји, карневалот останува меѓународен и ги очекуваме догодина“,

рече Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.

Фото: Општина Прилеп

Карневалските свечености траеја три дена. Во петокот беа изложени преку 400 маски, креации на прилепските ученици, вчера напладне се презентираа обичаите за Прочка, а денеска маскираните ја претставуваа вековната традиција.

Фото: Општина Прилеп

За Карневалот, угостителските објекти работат со продолжено работно време. Прилепските мечкари за утре ги поканија сите гости на заеднички посен ручек со грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај Прилеп со што ќе биде означен почетокот на предвелигденските пости.

Back to top button
Close