Фото репортажа: Иднината е во Андревци и сличните на нив, пандемијата само го нагласи тоа уште повеќе
Понекогаш ни се случува убавините, доживувањата и забавите да ги бараме со стотици и илјадници километри подалеку, а тие, да ти биле “тука под носот”!
Понекогаш ни се случува, до убавините да дојдеме не од желба, туку од зорзоман, што се вели. Од принуда, од потреба, од мака.
Понекогаш ни се случува со злото да ни дојде и добро. Злото да не научи на нешто ново, или да не врати назад, на исконските корени, на вистинскиот живот. Особено ако премногу забегаме. Далеку и широко!
Пандемијата, со корона вирусот, покрај сето зло, не научи и нешто добро. Прво дека “не се јаде се што лета”! Народецот, не, туку-така, го кажал тоа. Од искуството на предците нема подобра учителка во животот. Историјата е субјетивма, ја пишуваат победниците.
Најдоброто искуство го пишува природата, зашто таа секогаш победува, со природата нема играчки. Таа кога тогаш, ќе не постави на вистинското место, ќе не врати назад – таму каде што ни е местото.
Ете и јас самиот, роден и вљубеник во историска Дебрца, да не знаам што има тука пред носот!
На 18 август, во две групи, тргнавме од Охрид. Повод: прославата на Денот на АРМ, односно формирањето на батаљонот “Мирче Ацев” на Славеј Планина. Мојата група, тоа го чинела многу пати досега, те не се искачивме до Славеј, туку само до подножјето – до селото Годивје.
Сместено е на крајот од една прекрасна низина, од која некогашната ЈНА – на некогашната заедничка југословенска држава, беше направиле некаков резервен воен аеродром. Денеска се тоа ниви. Мештаните изградиле и прекрасна црквичка “Свети Вартоломеј”.
И оние на Славеј Планина и ние во селото Годивје, славевме јубилеј: 77 години од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“, што се слави и како ден на АРМ.
Горе, во своја организација, беа претставници на Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи, за општините Охрид и Дебрца,предводени од претседателот Гоце Герогивски.
Секоја година горе се искачува и делегацијата на општина Дебрца, со градоначалникот Зоран Ногачески. Како и и делегација од гарнизонот на АРМ во Кичево.
Заради здравствената состојба со пандемијата, сето тоа под строгиот протоколот што го препорачува Владата со ограничен број на присуство.
Истовремено во подкараорманското село Годивје, местото кое во војната беше логистичка база за снабдување на партизаните со храна и облека, мал собир, во организација на Ветераните од одбраната и безбедноста за општините Охрид и Дебрца, каде и самиот припаѓам.
На собирот, за борбениот пат на батаљонот, говореше полковникот во пензија Добре Вељаноски.
-По одржувањето на преспанскиот состанок на кој беше анализирана состојбата, донесен е заклучок дека се создадени услови за создавањена регуларни воени формации, единици кои ќе бидат способни воено и политички да делуваат на целата територија на Македонија. Така со наредба на Штабот на 2-та оперативна зона, на 18-ти август 1943 година, на Славеј планина се формира Првиот баталјон „Мирче Ацев“, прва регуларна воена единица на македонскиот народ- рече, мегу другото,полковник Вељаноски.
Самиот, иако со малку љубоморен што ова не се одржува на изворот на револуцијата и антифашистичката борба, моето Црвена Вода, им се восхитувам на овие луге, главно, пензионери, како и јас самиот.Но за награда, Добре и самиот по потекло од Годивје, каде си ја преуредува родената куќа,ќе ни приредува изненадување.Одиме вели кај Андревци.
Кај Андревци се исполнуваат сите соништа
За нас кај Андревци е исто како, да речеме, кај Митановци, Но не било така. Добриот Добре, всушност, не однесе во прекрасното “ Етно село – Андревци”. Сопственикот Миленко Андрески, го подигнал пред една висока карпа, над чиј врв се назира крстот од селската црква.
Навистина изненадувачко. Нешто наше, изворно, а светско!Направено со мерак, со душа и срце. Второто изненадувањ е самиот Миленко. Го прашувам за фондовите, за финасиската конструкција. Се од свој џеб, се со свој денар, вели.
Неверојатно, некој вешт батка на ова би инкасирал милионче од разноразните домашни и меѓународни фондови. Невероватно!
Се на едно место. Сместување, храна, гастрономија, историја, етнологија….Етно ресторан, каков само душа посакува.Се е од дрво и киамен. Тука нема пластика, нема импровизации, се е како под конец.
Миленко е фолклорист, играорец, самиот води играорно друштво.Тоа може да се прочита и без да се знае во Етнолошкиот музеј. Оригинални носии од цела етничка Македонија. Стари домашни посатки, реквизити и алатки од земјоделието, сточарството, селскиот живот.
На фотографиите не им фалат многу зборови.Тие самите зборуваат за суштината на нештата.Но има уште нешто да се каже.
Сето она што Миленко го послужува на трпезата е од органска природа – природно. Сирењето и киселото млеко се од бачилото на прочуениот Русе од Песочани, горе во срцето на Караорман. Доматите, пиперките, краставиците и другите градинарски производи се од бавчата на Миленко, навадувана од чистите караормански води. Гостите ако сакаат можат сами да си го наберат она што ќе го консумираат,а малку да покопаат, да навадат. Од желба, а не од приунуда.
За цената нема да пишуваме. И тие се неверојатни, но во негативна смисла. Цела вила за најмалкиу 6-7 души за 50 евра. Соба за 500 денари. На располагање се малиот хотелски дел и двете вили. Двориштето како селско – сред село.И сето тоас 24/7. Подобро на кино!
Веле Митаноски