(ФОТО) СДСМ обвинува за партизирана полиција и бара одговорност од министерот Тошковски
СДСМ соопшти дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствувал на партиски состонок за изборите во партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кривогаштани. На истиот состанок присуствувал и полицискиот инспектор при ОВР Прилеп, Сашо Јосифоски, што претставува, како што велат од СДСМ, директно кршење на Законот за внатрешни работи.
Партијата на Венко Филипче тврди дека „очигледно партизираната полиција на Тошковски е целосно ставена во функција на ВМРО-ДПМНЕ наместо на изборниот процес“.
СДСМ бара разрешување на полицискиот инспектор, суспензија, дисциплинска постапка и одговорност од Тошковски.
-Полицијата мора да биде во служба на граѓаните, а не во служба на ДПМНЕ. Македонската јавност веќе еднаш видела што значи партизирана полиција – притисоци, закани и злоупотреби во изборен процес. Тоа нема да се дозволи повторно, порачуваат од „Бихаќка“.