ФОТО – сторија: Заминуваат и последните легенди на пливачките спортови во Охрид, “градот со рајски мирис, исто како Дамаск” (Е.Челеби) – во Загреб почина Неџат Хусеин

Во Загреб почина Неџат Хусеин, познат адвокат од една од најстарите адвокатски канцеларии во Хрватска, на “месту одветника – Мартиќеве”. Пред него, канцеларијата ја водел родителот на неговата сопруга, родена загребчанка, а сега ја води синот Денис, од кого има внук. Таму живее и керката Лејла.

Неџат Хусеин е еден од врвните охридски и македонски интелектуалци, расеани по светот, а кои дале голем придонес во развојот и афирмацијата на Охрид. Неговиот влог е на полето на спортот, во ватерплото и маратонското пливање, но и не само тука.

Син на негов другар од младоста и содејник во спортот, од семејството Чакулеви, денес вработен во “Сосиете Женерал”, во Париз, заедно со мајкаму Добрила, носат голем дел од заслугите што поранешна “Охридска банка”, водена од Најденко Попоски, стана дел од овој светски банкарски бренд.

Тој е еден од првите повоени членови на Пливачкиот клуб “Охридски бранови”, формиран уште 1932 година. Негова генерација се, познатите универзитетски професори во Скопје – охридски ватерполисти, Симонче и Владо Шелев, а учеа од Нико Нестор, Атина Бојаџи, Дики Бојаџи, Леко Радич и други.

Неџат Хусеин, е потомок на познато охридско турско семејство. Имаше двајца браќа – Јакуп и Неџбедин, вториот познат педагог и општественик, мегу другото, беше директор на средното училиште “Григор Прличев”, низ кое минаа бројни генерации и кое воспита денес врвни научни имиња, професори – доктори на науки во светот на електрониката и медицината: Петар Попоски, Виктор Гупчев, Игор Бимбилоски и други.

Оние што го познаваа Неџат, јас само во делот на аматерското, рекреативно пливање, за него велат дека беше “човек со одгој”, секогаш среден и елегантен господин од европски маштаб, човек за кого “сопругата и семејството беа пред се, а Охрид и Охридското Езеро – над се”.

Веројатно, уште адвокатот Тома Фила, со кого имам прилика почесто да бидам, Неџат Хусеин е човекот кој не пропушти ниту едно лето да дојде тука, да биде со пријателите, со своето езеро. Беше расен пливач – ватерполист, пливаше се до пред две лета. Не дојде само ова лето, поради пандемијата.

Во Охрид остануваше месец до месец и половина. Се до роденденот на неговата сопруга – првата декада на август месец (почина пред него), што беше временската рамка – мерката за негово заминување од Охрид. Колку го сакаше Охрид, говори и фактот што тука согради прекрасна и пространа куќа.

Мојот драг пријател Наџи, човек од еснафот и чаршијата, кој за мене е своевиден матичар и жива охридска енциклопедија – за случувањата и охридските семејства, Неџат го претставува како личност со култура и манири кои не се својствени за нас балканците – овде.

-Тој не сакаше помодарство.Тој беше заробеник на она “вистинското време”, време без мобилни телефони. Затоа, секој ден, точно напладне, одеше во поштата, на “стар начин” да провери што има и што недостасува во неговата позната адвокатскла канцеларијa во Загреб. Имаше многу работа, ги застапуваше лугето од Македонија во Хрватска, но и многумина од Балканот, се до Турција, особено оние на работeа и патуваа за Германија и назад. Застапуваше и бизнисмени од Македонија, кај кои, на договорерна средба, одеше 5 минути порано, но заминуваше и после 5-10 минути – нивна немарност и доцнење, вели Наџи.

Во Загреб ( и Охрид) живее пријателката и двојна сограѓанка на Неџат Хусеин, Викторија Жешков Теофиловска. Не штеди убави зборови за Хусеин:

-Неџат Хусеин почина вчера во Загреб, далеку од својот сакан Охрид. Не само што беше врвен адвокат кој решаваше најтешки правни случаи, туку, пред се, беше човек со големо срце, секогаш подготвен да им помага на Македонците – во и надвор од Хрватска. Неговата адвокатска канцеларија беше украсена со фотографии и спомени од Охрид. Ретки се лугето, како него, кои на зрели години ги одликува педантност и среденост, виталност и активност. Пливаше до пред две години. Се наогавме во центарот на Охрид на кафе, не канеше кај него дома, градскиот пазар му беше незаобиколна точка – цреши охридски и друго овоштие. Го сакаше Загреб, ама пекаше по Охрид. Беше личност високо рангирана во деловниот свет на Загреб, личен пријател на поранешниот хрватски претседател Јосиповиќ.

Неџат Хусеин не пливаше, како неговите другари и другарки, по светот. Но ги помагаше своите соврсници. Атина Бојаџи, родена 1944, стигна до триумфите на маратоните во Охрид (1966 година), Капри – Неапол и Саида-Бејрут, Либан, каналот Ла Манш – најголемиот предизвик за сите пливачки маратонци (1969), до Великан на Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Дики Бојаџи, на маратонот од Капри до Неапол (1960) го освоил првото место и успешно настапувал на него се до 1967, како и на меѓународните маратони во САД, Канада, Египет и во Сирија. Тој е два пати избран за најдобар спортист на Македопнија (1960 и 1961).

Неџат Хусеин, заедно со Леко Радич и Нико Нестор, се иницијаторите за ВОСПОСТАВУВАЊЕ на Охридскиот пливачки маратон (на кој беше и победник), за, на 9 септември 1959 година, овој македонскиот маратонец, го направи историски подвиг: за 12 часа и 6 минути, го преплива каналот Ла Манш долг 33 км. и стана првиот Македонец, првиот Југословен и воопшто прв човек од Источниот блок кој го препливал растојанието од францускиот до британскиот брег.

Британските весници „Дејли Мирор“ и Дејли телеграф“ кои ќе го одбележат “подвигот на момчето од Охрид и неговиот секундант Климент Заров”(познат архитект од Охрид), како голема и необична вест, ќе забележат дека Нико бил првиот човек од тогашните комунистички држави, од т.н. „железна завеса“ кој го препливал каналот.

Неодамна во Охрид беше прикажан документарниот филм „Охридските пливачки легенди“ на авторот Љупчо Паункоски, во кој свое место има и Неџат Хусеин, а е посветен на легендите на охридското маратонско пливање, со изјави и интервјуа на легендите Нико Нестор, Дики Бојаџи, Соња Думбалова и Леко Радиќ.

Неџат Хусеин, секое лето, другаруваше со неговиот клубски колега, професорот Леко Радиќ, еден од основоположниците на на охридското пливање, човекот кој ги откри и ги тренираше прославените пливачки асови: Атина и Дики Бојаџи, Климе Савин и Александар Маленко. Во 2013 година го доби највисокото општинско признание за животно дело Свети Климент Охридски – Патрон на градот.

Леко Радиќ беше вљубеник во пливачките спортови, има издадено 8 книги посветени на пливањето и ватерполото, со илјадници фотографии кои ја пишуваат историјата на пливањето во земјава.

Неговата наследничка,професорката Соња Думбалова Делова, денес ја води школата за пливање, „Делфина 2012“, додека таа самата е единствената жена акредитирана од FINA за судија во маратонско пливање.

Пливачки – ватерполо клуб „Охридски бранови”, ги изроди Интернационален охридски пливачки маратон – дел од Светскиот пливачки куп; Патека “Климе Савин” Св. Наум – Охрид, Малиот охридски пливачки маратон; патека Горица – Охрид, Меѓународна та едриличарска илинденска регата,како и Илинденска веслачка регата.

Групата на Леко Радиќ, Неџат Хусеини другите, ја носат заслугата, што на Пливачкиот маратон во Охрид (денес се одржува под покриветелство на претседателот на државата), доагаа врвни асови од светот, мегу другите, едно време, Египјанецот Абу Хеив, а со него и шеици од богатите заливски земји.

Тоа можел да го предвиди, најави, многу одамна познатиот турски патописец Евлија Челеби,кој, при посетата на Орид ,во 1670 година, во својот патопис за овој град ќе забележи: „Градот е добро населен, со рајски мирис, исто како градот Дамаск. (Крај)

Веле Митаноски

Back to top button
Close