(ФОТО) Струмичкиот карневал со години успешно ја обединува заедницата

Вечерва низ струмичките улици уште еднаш кулминираше вековната карневалска традиција со Интернационалното карневалско дефиле, на кое продефилираа 35 групи со над 1.000 учесници од земјава и странство кои повеќе од три часови дефилираа, танцуваа, играа и ги промовира своите карневалски креации.

Откако кралот на карневалот објави: „Време е, нека почне Струмичкиот карневал“, почна да тече реката од карневали, а традиционално први настапија струмичките мажоретки, а за кусо време адреналинот го кренаа загребските, едни од најдобрите во светот.

-Се чувствуваме одлично и сите сме максимално добро расположени. Енергијата е одлична и еве уживаме.Прв пат сме тука и многу се радуваме. Постоиме повеќе од 30 години и навистина се радуваме што учествуваме на вашиот карневал, изјави Сара Ивковиќ од Загребските мажоретки.

На почетокот на карневалот се обрати градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

-Зошто Струмичкиот карневал е најпосетен настан во Македонија? Зошто ни се полни кафулињата и хотелите и улиците? Тоа е така бидејќи Струмичкиот карневал не познава политички партии. Затоа што Струмичкиот карневал не познава ниту вера, религија, не познава ниту раса. Струмичкиот карневал не обединува сите нас, во сите можни бои и затоа имаме обврска нашиот карневал да го чуваме и негуваме како зеница во окото, рече струмичкиот градоначалник кој во своето обраќање ги поздрави гостите од земјава и странство, претставници на дипломатскиот кор во државата, пратеници…

Најдобрите карневалски креации ги оценува жири комисија, а и публиката може преку онлајн гласање да гласа за една маска. За најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.

Карневалските празнувања во Струмица продолжуваат утре, на празникот Прочка, кога се одржува традиционалниот Детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.

Back to top button
Close