(Фото+Видео) Бомбаш самоубиец нападна црква во Дамаск, има мртви и повредени
Најмалку девет лица загинаа, а 13 се повредени во напад што се случи во црква во Дамаск, објавија денеска сириските медиуми, повикувајќи се на Министерството за здравство.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека бомбаш самоубиец поврзан со терористичката група Исламска држава влегол во црквата „Свети Илија“ и отворил оган, а потоа го активирал својот експлозив.
Медицински извори изјавиле за ДПА дека во нападот загинале 15, а повредени се 25 лица.
Сведоци рекле дека амбулантните возила ги префрлиле жртвите и повредените во блиската болница под силно обезбедување.
Ова е првиот напад насочен кон христијаните во Дамаск од падот на долгогодишниот сириски претседател Башар ал Асад минатата година.
Министерот за информации на Сирија Хамза Мостафа, го осуди нападот, нарекувајќи го терористички.
„Овој кукавички чин е спротивен на граѓанските вредности што нè обединуваат. Нема да отстапиме од нашата посветеност на еднакво граѓанство. Исто така, го потврдуваме ветувањето на државата да вложи максимални напори за борба против криминалните организации и да го заштити општеството од сите напади што ја загрозуваат неговата безбедност“, напиша тој на социјалната мрежа X.
Извор: 360stepeni.mk